Интервју на Тамара за НМД: Ѕвездите се недостижни, не можете да им се приближите, но сепак светат!

Тамара Тодевска со „Горда“ (Proud) забележа одличен евровизиски резултат, со финален пласман на осмото место и второ место во полуфиналето.

Ова е голем успех, како за Тамара така и за нашиот освежен евровизиски тим, кој изминатите години беше под притисок да направи некаква промена по серијата неуспешни евровизиски обиди.

Ние како нација немаме доживеано многу вакви позитивни настани исполнети со патриотски набој, со надмоќ над останатите, со огромни шанси за победа во некој спортски, музички или културен настан.

Едно такво чувство ни се случи синоќа, на изборот за песна на Евровизија во Тел Авив, Израел. Нашата Тамара Тодевска ја воодушеви Европа и во првиот дел од гласањето беше на само два поени од првото место, а во поголемиот дел од гласањето беше во убедливо водство пред останатите.

Еве што изјави Тамара за НМД (10.11.2015)

НМД: Се плашиш ли од староста или мислиш дека таа  може да биде и предност?

Тамара Тодевска: Не, далеку од тоа дека се плашам, бидејќи од тоа не може да побегне ниту едно живо суштество. Предност во староста може да биде огромното искуство, без разлика за кое поле станува збор!

Но, чув дека во 2035,  медицината ќе напредне до таму што, на пример ќе имаш 70 години, а ќе изгледаш како да имаш 55 : )

НМД:  Што мислиш за убавината на жената која доаѓа одвнатре, од нејзиното срце и мудрост?

Тамара Тодевска: За да се чувствуваш убаво однадвор треба да си среќен одвнатре, со себе! Задоволен со она што го поседуваш, и секако да ги искористиш и надоградуваш сите свои квалитети!
Прочитајте ја “Моќта на потсвеста“ и ќе знаете за што зборувам.

НМД:  Сметаш ли дека одговорностите кон домот и семејството можат да се носат заедно со кариерата? И во крајна нужда од што најпрвин би се откажала кога би било неопходно да се избере?

Тамара Тодевска: Не би се откажала ама баш од ништо, па и самите знаете дека нашите дедовци, баби, имале не по едно туку по 5, 6 деца, па ете некако на крајот ги истерувале на прав пат! 

За да создадеш фамилија е голема жртва, се откажувате од се, но на крајот вреди!

НМД:  Дали се чувствуваш како ѕвезда?

Тамара Тодевска: Хмм, поимот ѕвезда е многу комплексен.
Знаете  ѕвездите се недостижни, не можете да им се приближите, но сепак светат!

Јас сум човек како и сите други, само што ете сум одбрала да работам јавна професија во која навистина уживам!
Кога веќе ме споредувате со некое небесно тело, во случајот ѕвезда, ќе кажам не, јас не сум ѕвезда бидејќи ѕвездата е само обичен камен, јас сум СУПЕРНОВА! : )

НМД:  Колку популарноста помага во секојдневниот живот и дали уметникот станува зависен од неа?

Тамара Тодевска: Популарноста има и позитивни и негативни страни, убаво е да си во постојан контакт со своите фанови, да се фотографираш, почесто да патуваш… 

Негативните се, па… Можеби ете недоволното спиење поради честите настапи.

НМД:  Има луѓе кои се вистински зависници од славата, а други, кои ја прифаќаат како нужно зло и нешто што доаѓа како резултат на работата. Дали си славољубива?

Тамара Тодевска: Не, никогаш не сум го сакала тоа, јас сакам да ме има по медиуми само кога имам нешто да кажам! Нов албум, спот, песна… А да се појаувам во медиуми без причина мислам дека е навистина смешно…

НМД:  Што е твојата вистинска љубов и професија покрај пеењето, на која би се посветила еден ден?

Тамара Тодевска: Па нема многу да отидам далеку од пеењето, кога ќе подостарам, пак ќе се занимавам со пеењето но ете зад сцената.

НМД:  Дали сепак, некоја твоја  композиција или изведба ти е особено точна и сакана. Нешто за кое би рекла: Ова го направив најдобро!

Тамара Тодевска: Тоа е како да прашате една мајка со 3 деца – кое дете ти е омилено?

Новиот албум можам да кажам дека ми е одлично спакуван и сум задоволна од целиот проект!

НМД:  Тамара, во изминатиот период јавноста беше сведок на твоја трансформација, кога изгуби многу килограми. Каков беше твојот режим на исхрана и како се одржуваш сега?

Тамара Тодевска: Нема некоја голема филозофија во слабеењето, само треба да сте решени и да почнете!
Секако дека јас направив драстични промени во исхраната, а во целиот процес многу ми помогна и Мелина од студиото “Силуете“

НМД: Сведоци сме на напливот од информации за здрава храна од сите страни. Влегуваш ли и ти во овие “клишеа”, или сметаш дека секој организам е посебен и тераш свој начин на исхрана?

Тамара Тодевска: Колку и да сакаш да одрекуваш, сепак ќе пробаш. Јас сум од оние што се ново сака да проба, дали е тоа некој шејк со чиа, со трева, сирово јадење и слично.

НМД:  Дали те привлекува кујната и можеш ли да ни предложиш некој рецепт кој ти е тебе фаворит и со задоволство го приготвуваш.

Тамара Тодевска: Со оглед на тоа колку време работам, јас навистина немам време да се посветам во кујната. Но сакам, гурман сум и знам да подготвам нешто. 

Претежно месо со зеленчук, некоја паста со интересен сос, сакам да експериментирам, но не и да претерам : )

Ве сака Тамара! : )

Разговараше: Петар Попоски, 10.11.2015

Loading...