Што е тоа што треба да го знаеме за антибиотиците и кои се најчестите грешки кои ги правиме во врска со нив? Антибиотиците често се во употреба, па многумина се во дилема како и колку треба да ги консумираат.

Грешки правиме сите, а најопасните грешки ги правиме кога на своја рака ги земаме овие лекови и им ги даваме на децата. Антибиотиците не се лекови за намалување на температурата. За тоа постојат други лекови, а антибиотиците се лекови исклучиво за лекување на бактериски заболувања.

За да знаеме дали станува збор за бакериска инфекција, болниот треба претходно да се прегледа и да се направат барем минимални лабораториски анализи – објаснува инфектологот и специјалист по клиничка фармакологија проф. д-р Мијомир Пелемиш за РТС, а пренесува Мондо.

Како педијатрите одлучуваат кога треба на децата да им препишаат антибиотици? – Елементарна е крвната слика и тој фамозен ЦРП кој се зема покрај леукоцитите, а тоа е важно за брза ориентација кога ќе се посомневаме на бактериска инфекција.

Меѓутоа постои незнаење кај луѓето кога мислат дека со антибиотиците можат да ги решат сите проблеми – вели педијатарот д-р Мирјана Миќовиќ. Таа истакнува дека децата на возраст до три-четири години во 90% од случаите имаат вирусни инфекции, а не бактериски.

Имунолошкиот одговор кај детето е добар ако детето реагира на условите од надворешната средина. Тоа значи дека е добро детето да добие температура, бидејќи тоа покажува дека има добар имунолошки систем кој се брани. Секако дека тоа сега е под голем знак прашалник, дали се брани од вируси или од бактерии – вели д-р Миќовиќ.

Кога треба да се пие антибиотик? На прашањето како да се препознае дали станува збор за вирусна или бактериска инфекција, педијатарот вели: Течење од носот, поткашлување, сува кашлица, ларингитис, малаксаност, болки во коските…тоа се знаци дека станува збор за вирусна инфекција. Уринарните инфекции се проблем поради кој често се препишуваат антибиотици, а еве што вели за тоа проф. д-р Пелемиш:

Уринарните инфекции може да предизвикаат сериозно воспаление на бубрезите. Кога некој има чести инфекции на уринарните патишта, треба да се утврди причината. Не е сеедно ако некој има само еднаш воспаление или во годината има петпати воспаление на уринарните патишта.

Тогаш неопходен е преглед кај гинеколог или уролог, да се утврди каде е изворот на бактеријата, дали станува збор за вродено пореметување во уринарните канали, камен во бубрег или дали нешто друго предизвикува насобирање на бактериите на одредено место и потоа се активираат инфекциите кои се повторуваат – објаснува тој, додавајќи дека “антибиотиците смеат да се земаат дури и во првото тримесечје во текот на бременоста, но не сите антибиотици.”

Говорејќи за фактите дека многу стоматолози после вадење заб на своите пациенти им даваат да пијат антибиотик, д-р Пелемиш вели: “Кога некој вади заб, ако има причина да му се појави инфекција или да му се влоши здравствената состојба – болест на срцето, срцеви мани и сл. каде мора превентивно да се пие еден или два дена антибиотик, тоа има смисол, но сè подолго нема смисол, бидејќи тоа кај вас ќе создаде можност бактериите да се стекнат со што поголема отпорност.

Колку повеќе на бактериите им давате антибиотик, толку повеќе им давате шанса брзо да создадат имунитет. Бактериите стануваат отпорни, бидејќи ја менуваат својата градба, а нови антибиотици нема.

Колку трае терапијата? Уште една од честите грешки кои ги правиме, а која им помага на бактериите да станат отпорни на овие драгоцени лекови – е брзиот престанок на користењето антибиотици, односно прекин на сред лекување.

За да се види дека некој лек делува, пациентот мора да го пие најмалку три дена, а тоа е токму и проблемот – пациентот ќе го пијат ден-два антибиотикот, ќе се почувствуваат добро и после ќе го остават.

Тоа е голем проблем, бидејќи на тој начин се создава отпорноста на бактериите, па следниот пат кога ќе дадете антибиотик, тој повеќе нема да делува. Не смее толку кратко да се користи, туку мора минимално пет дена да се зема, бидејќи ефектот на антибиотикот не може да се види додека не поминат три дена – објаснува д-р Пелемиш.

ЛОША КОМБИНАЦИЈА – Грејпфрутот не треба да се консумира заедно со антибиотикот. Д-р Пелемиш на крај ја изнесе и оваа многу важна информација: – Кога пиете антибиотици, не би требало да јадете грејпфрут, за да се поремети апсорпцијата на лекот.

Ова овошје ја попречува ресорпцијата, како и млекото, но треба да се консумира јогурт и кисело млеко, бидејќи се добри пробиотици – вели инфектологот проф. д-р Мијомир Пелемиш. Објаснувањето можете да го слушнете во видеото ОВДЕ.