Пробајте ги овие меки уштипци кои имаат интересен и многу декоративен изглед на ружички. Не се подготвуваат комплицирано. Тестото се прави од брашно, вода и квасец, не ви е потребно масло за да го замесите. Баба ми често велеше: „И да имаш 100 години, мора да знаеш да ги направиш.“ Ова е еден старински рецепт кој е многу вкусен. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 шолји брашно (600 г), 2 шолји топла вода (400 мл), 1 кесичка сув квасец (10 г), 1 лажица гранулиран шеќер (20 г), 1 лажичка сол (10 г). За пржење: масло. За да ги подготвите ружичките ќе ви биде потребна виљушка со два запци.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад за месење сипете 2 шолји топла вода или на собна температура и додајте 1 кесичка сув квасец и 1 лажица шеќер. Промешајте за да се распоредат еднакво и оставете го квасецот сосем малку да се активира. Кога квасецот ќе набубри, додајте 1 лажичка сол и повторно промешајте.

Со постепено додавање на брашното замесете меко тесто, нешто помеко од она за леб. Ако имате апарат за месење тесто можете сите состојки одеднаш да ги ставите во садот и да го замесите тестото, а доколку месите рачно, тогаш имајте во предвид дека тестото е меко и лепливо за рака. Само полека соединувајте го брашното и со дланката одвојувајте го тестото од ѕидовите на садот.

Пред крајот од месењето тестото не треба да се лепи и треба да има средна цврстина. Пренесете го на рамна површина и домесете го уште малку додека да стане комапктно. Замесеното тесто вратете го во садот каде што го замесивте првично и покријте го со чиста кујнска крпа или со кујнска стреч-фолија, па оставете го да ферментира на топло место без провев половина час или додека двојно да го зголеми волуменот.

Потоа набрашнете ги рацете и нежно премесете го тестото, колку да излезе воздухот од него, па истресете го на набрашнета површина. Нежно, без премногу притискање, поделете го на два еднакви дела и обликувајте две топки.

Секое тесто развлечете го малку со прстите со нежно притискање, па кога малку ќе се рашири, развлечете го со оклагија и наросувајте со брашно по потреба. Потребно е да добиете квадратна  кора која не е премногу тенка со димензии 30х30 см.

Вака подготвената кора поделете ја на ленти со ширина од 5 см. Од една кора се добиваат 6 ленти. Загрејте масло во подлабоко тенџере (до половина), па спуштајте ги лентите на следниот начин. Ќе ви биде потребна една виљушка со два запци. Вметнете ја лентата помеѓу двата запци и завиткајте ја прво околу едниот забец.

Спуштете го тестото во загреаното масло од завитканата страна за да се запржи, па продолжете со виткање околу истиот забец. Повторно спуштете во масло, па завртете околу вториот забец. При секое свртување пропржувајте по неколку секунди додека тестото да зарумени и така сѐ додека да се завитка целата лента околу двата запци и да добие облик на ружичка.

Кога ќе се испржи убаво од сите страни, вадете врз чинија обложена со хартиена салфетка. На истиот начин подгответе ги и останатите ружички. Деталите погледнете ги ОВДЕ.