На овој начин јас најчесто го приготвувам кафеавиот грав, во комбинација со јунешко и суво месо, па на тоа додавам и еден исечкан поголем компир. Гравот не го запржувам со запршка, туку пред крај разматувам една лажица брашно со ладна вода и ја додавам во варивото.

Ако ставам помала количина на вода, тогаш нема потреба од брашно зошто гравот самиот си испушта скроб која дава природна густина. Потребни состојки: 600-700 г грав, 500 г јунешко без коска, малку суво месо колку да даде вкус, 3 главици кромид,

Потоа, 1 полна лажица маст или 100 мл масло, 2 полни лажици црвен, мелен пипер, 1 лажица сув зачин, 1 лажичка сол, 2 средни компири или еден голем, 1 лажица брашно, магдонос, 3 чешниња лук и ½ лажичка сода бикарбона

Постапка: Одвечер, потопете го гравот во ладна вода и оставете преку ноќ да набубри. Ако немате време за ова да го направите, ништо страшно, само продолжете според рецептот, без овој чекор.

Следниот ден излејте ја водата, дотурете нова вода и ставете на оган да проврие неколку минути. Во лонецот каде ќе се вари гравот ставете една чаша вода, маст или масло, сув зачин, ситно сечкан или мелен кромид, па ставете на оган да крчка.

Додека да проврие исечкајте го јунешкото на коцки и додадете го и него во кромидот. Намалете го огнот и гответе 30 минути со повремено долевање топла вода. Додадете го процедениот грав, па налејте топла вода „два прста“ над гравот. Оставете на умерен оган да се вари околу два часа со повремено промешување и долевање врела вода по потреба.

Секогаш е подобро помалку вода, секако не премалку за да не загори, но не премногу па да добиете редок грав. После два часа додадете црвен пипер, сол и сечкано лукче, па варете уште 10 минути, па додадете на коцки исечен компир, суво месо исечкано ситно, колбас, сланина или што сакате, па долејте уште една до две чаши вода.

На компирот му се доволни 15 минути за да се свари, како и на дименото месо. Сода бикарбона се става малку за да ги омекне зрната на гравот кои се’ уште не се свариле, како и месото.

Потоа разматете една лажица брашно со чаша вода, да нема грутчиња, па додадете како ладна запршка и промешајте. Намалете го огнот, вратете на оган уште малку да прокрчка и да се свари брашното. По желба можете да додадете ловоров лист и магдонос.