Рецепт и начин на изработка со видео презентација: Том Филос. ЃОМЛЕЗЕ направено во домашни услови. Традиционалното ѓомлезе се прави под вршник (сач), а опишаниот рецепт е за ѓомлезе печено во рерна.

Ако некому сте му отишле на гости и ви направил ѓомлезе, значи дека многу ве почитува. Се приготвува од смеса слична на палачинки, брашно, вода, сол, масло, а некои ставаат кисело млеко и јајца.

Постои некаква тајна магија што ова навидум едноставно јадење го прави посебно. Можеби е начинот на кој се прави, можеби е љубовта што е неопходна како состојка на ова печиво.

Потребни состојки:

1 ½ кг брашно
2 литри вода
1 лажичка сол
100 мл масло/маст

Постапка:

Тркалезната тепсија во која ќе се пече ѓомлезето, намастете ја добро со масло и ставете ја во претходно добро загреана рерна на најсилна температура.

Направете каша слична за палачинки од брашно, вода и малку сол. Брашното најдобро е претходно да се просее.

Извадете ја добро вжештената тепсија и ставете околу две кутлачи од смесата, па убаво распоредете. Носете заштитна ракавица за да не се изгорите. Одозгора наросете малку масло.

Вратете ја тепсијата во загреаната рерна на 250 степени и печете околу 5 минути. Извадете ја тепсијата, премачкјате ја печената кора со малку масло и нанесете повторно слој од смесата.

Одозгора наросете малку масло. Повторувајте ја постапката до последниот слој. Тепсијата ставете ја на јагорната решетка, колку можете поблиску до горниот грејач.

Кога ќе ја испечете и последната кора, ѓомлезето исечете го на баклави, одозгора убаво премачкајте го со масло и вратете го во рерна да се допече на средина од рерната уште 20 минути на 250 степени. Потоа послужете го со јогурт или кисело млеко. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: