За високиот крвен притисок велиме дека е тивок убиец, бидејќи болните можат да живеат со многу високи вредности на крвен притисок, а без видливи симптоми. Овој текст ќе ви помогне да научите како правилно да го мерите во домашни услови…

Мерењето на крвниот притисок дома, не може да се спореди со мерењето кај вашиот лекар, но тоа не значи дека треба да се откажете од самостојното мерење и следење на притисокот. Имено, во различни услови, може да се добијат различни резултати при мерењето на крвниот притисок. Дома сме многу поопуштени и помирни, што веројатно ќе резултира со понизок притисок.

Важно е да се знае: високиот крвен притисок е самостојна болест. Само 5% од заболените имаат висок притисок како последица од некои други болести.

Според стандардните препораки, еден просечен пациент со висок притисок би требало да врши мерење 2-3 пати седмично во различно време. После периодот помеѓу шест и осум седмици може да се донесе заклучок за движењето на крвниот притисок.

Класификација на вредностите:

-Состојбата на притисокот е оптимална, доколку систолниот притисок е помал од 120, а дијастолниот помал од 80.

-Состојбата на притисокот е нормална ако систолниот е помал од 130, а дијастолниот е помал од 85.

-Состојбата е на граница ако систолниот е помеѓу 130 и 139, а дијастолниот помеѓу 85 и 89. Во тој случај мора повторно да се контролира во следните неколку месеци до година дена.

-Прв степен на хипертензија подразбира систолен притисок помеѓу 140 и 159, а дијастолен помеѓу 90 и 99. Се препорачува контрола за два месеци.

-Втор степен на хипертензија се подразбира, кога систолниот притисок е помеѓу 160 и 179, а дијастолниот помеѓу 100 и 109. Во тој случај мора да го контролирате притисокот кај вашиот лекар за еден месец.

-Трет степен на хипертензија подразбира систолен притисок од 180 па нагоре и дијастолен од 110 па нагоре. Се препорачува лекарска помош и контрола за една седмица.

КАКО МОЖЕТЕ САМИ ДА ГО ИЗМЕРИТЕ КРВНИОТ ПРИТИСОК?

1.Опуштете се. Мирно седнете со стапалата на под.

2.Температурата во просторијата во која го мерите крвниот притисок не смее да биде ниту превисока, ниту прениска.

3.Раката на која го мерите крвниот притисок мора да биде положена на тврда подлога и во ниво на срцето.

4.Внимавајте “манжетната” да биде со соодветни димензии и правилно да биде поставена.

5.Пред мерењето не смеете да пушите ниту да пиете кафе.

6.Ако користите терапија, крвниот притисок мерете го пред и после земањето на терапијата.

7.Мерете го притисокот најмалку двапати во текот на денот, наутро и навечер. Секојпат измерете го двапати со растојание од 3 до 5 минути помеѓу мерењата.

8.Запишувајте ги вредностите на крвниот притисок за да можете да ја пресметате средната вредност.

9.Состојбата на крвниот притисок се одредува со пресметување на просечната вредност во определен временски период (месец дена), ако не постои потреба за одење на лекар претходно, поради измерени високи вредности (2 и 3 степен хипертензија).