Мала комбинација од јафа кекси, фанта сок, мелени кекси, ванила… Тортата е без декорација за да може убаво да се видат слоевите. Брза и едноставна непечена торта.

Потребни состојки:

300 г мелени кекси
100 г мелени ореви или лешници
150 г путер/маргарин
50 г шеќер во прав (или по вкус)
200 мл фанта сок

За фил:

1 литар млеко
3 пудинг од ванила
200 г путер/маргарин
3 лажици шеќер
100 г шеќер во прав
200 г јафа кекси (150 г е едно пакување, остатокот го искористив за декорација, а доколку сакате тортата да биде уште повисока, само поделете го филот наместо на два, на три делови и наместо 1,5 пакување ставете 3 пакувања јафа кекси)

Постапка:

Прво сварете го пудингот: Измешајте го пудингот, шеќерот со малку млеко (100-150 мл). Остатокот млеко ставете го на оган. Кога ќе зоврие полека додадете ја изматената смеса и на намален оган постојано мешајте додека да се згусне.

Сварениот крем тргнете го од оган и веднаш прекријте го со фолија за да не фати коричка додека се лади.

За долниот слој: Пенасто изматете го путерот со шеќерот во прав, па додадете ги кексите и сокот, па уште еднаш изматете за да се соединат состојките. Смесата би требало да е густа но сепак да може да се мати, но тоа зависи и од кексите кои ќе ги употребите. Доколку смесата е претврда, тогаш додадете уште малку сок, а ако е обратно, тогаш додадете уште малку кекси.

Врз тацна за послужувањ ставете го обрачот и истресете ја целата смеса за долниот слој, па со лажица обликувајте. Ако немате калап, можете и веднаш на тацна да ја обликувате смесата со раце, но со калап е попрецизно и полесно.

Путерот за фил изматете го пенасто со шеќерот во прав, па постепено додадете го целосно изладениот пудинг. Прво додадете половина од кремот, изматете убаво, па додадете го и остатокот.

Половина од филот распоредете врз долниот слој и израмнете. Натопувајте ги јафа кексите во фанта и редете ги така што чоколадниот слој ќе го вртите кон долу.

Онаму каде што ќе остане празен простор помеѓу тркалцата, исечете едно тркалце на четвртини, па пополнувајте ги празнините.

Одозгора нанесете го остатокот од филот, израмнете, па тортата оставете ја во фрижидер неколку часови добро да излади, или во замрзнувач 1-2 часа. Отстранете го обрачот, малку израмнете и декорирајте по желба.

Domacirecepti.net