Фото и рецепт: Сабина Абделрахим

Овие слатки печива нема да ве остават рамнодушни. Тестото се приготвува со мед, јајца и млеко.

Потребни состојки:

2 јајца
3 супени лажици мед (100 г)
1 прстофат сол
1 чаша топло млеко (250 мл)
3 ½ шолја брашно (550 г)
2 лажици сув квасец
1,5-2 лажици растопен путер (60 г)

за глазура:

30 г путер
20 г мед

Постапка:

Изматете ги двете јајца со прстофат сол и две лажици мед. Додадете и една чаша млако млеко и промешајте за да се соедини со јајцата. Во брашното додадете две супени лажици сув квасец, па добро промешајте и постепено додадете го во мешавината од јајца и млеко.

Треба да добиете меко тесто кое не се лепи на раце. Формирајте топка па оставете го во намастен сад и покријте го со крпа да стасува еден час на топло место.

Откако ќе стаса тестото и ќе ја удвои својата величина, премесете го малку и поделете го на 12 еднакви делови. Од нив формирајте мали топчиња и редете ги во претходно обложен со хартија и намастен калап со путер. Калапот не смее да биде ладен.

Помеѓу топчињата оставете растојание од 1,5-2 см, бидејќи ќе пораснат во текот на печењето. Покријте го со крпа и оставете ги на топло место да стасуваат уште околу половина час.

За тоа време пригответе ја мешавината за глазура: Во сад на оган ставете 30 г путер и 20 г мед, па мешајте на тивко додека да се растопат состојките и да добиете изедначена мазна смеса.

Печивата ставете ги во претходно загреана рерна на 180 степени да се печат околу 25 минути. Кога ќе бидат печени одозгора премачкајте ги со приготвената глазура.

Фото и рецепт: Сабина Абделрахим