Еве зошто ви отекуваат нозете летно време и како да ја ублажите оваа состојба

Долгото седење или стоење, особено во текот на летните месеци, кога температурата ги надминува 30 степени, често доведува до отекување на нозете кое може да биде многу непријатно.

И додека здравите лица немаат причина за загриженост поради отоците, високата топлина во голема мера им пречи на срцеви болните и лицата со проширени вени, чии тегоби дополнително се влошуваат.​

Симптомите кои се јавуваат се: трпнење на нозете, болка која се манифестира како тежина во нозете, а најчесто отекуваат стапалата и делот од нозете околу скочниот зглоб, бидејќи тие се изложени на најголем притисок.​

Причина за отекување на нозете во текот на летните месеци е проширување на крвните садови – вазодилатација поради изложеност на топлина.

Тоа предизвикува поголема пропустливост на крвните садови и истекување на течностите во околните ткива што се манифестира како оток.

Тоа не мора да биде единствената причина за отекување на нозете, но сепак, е специфична појава за летните месеци и се јавува подеднакво и кај здравите лица.

Отекувањето на нозете кое се случува поради високите температури може да се ублажи со повремено туширање со студена вода, а лекарите советуваат и подигање на нозете во текот на одморот.

Лицата кои се склони на отоци би требало да носат удобни анатомски обувки, прилагодени на топлото време.

Оние кои доста време минуваат во седечка положба им се советува почесто да пешачат и повеќе физички активности за да ја спречат појавата на отоци. Важно е, исто така, да се одбегнува долго изложување на сонце како и престој во топли простории.​

Доколку отекувањето на нозете е дел од поширока клиничка слика и се одликува со симптоми како што се: тешко заморување, гушење, бледило, забрзана работа на срцето, тогаш би било добро што поскоро да се замине на преглед.

Особено големи тегоби во текот на летото чувствуваат луѓето кои имаат проширени вени, кај кои освен тежината и болката се јавува и пецкање и јадеж.

За овие лица е важно да користат лекови кои го зајакнуваат венскиот тонус и го намалуваат воспалението на венскиот ѕид, и задолжително да се бават со некоја физичка активност.

Важно место во лекувањето и ублажувањето на тегобите имаат еластичните чорапи или завоите кои се специјализирани за оваа намена, меѓутоа пациентите многу ретко ги користат во текот на летните месеци, иако би требало да ги носат секојдневно и да не ја прекинуваат терапијата.

Во текот на летото треба да се користат оние со потенка текстура за да не им биде претопло на нозете.​

Повеќе витамини

Отекувањето на нозете кај здрави лица може да се спречи со консумирање на повеќе течности, првенствено вода и билковни чаеви.

Важно е да се јадат намирници богати со железо и витамин Б, како што се: спанаќ, кељ, цвекло, ананас. Важно е, исто така, да се исфрлат цигарите и алкохолот, како и да се намали внесот на сол во организмот.

Loading...