Хормонските разлики помеѓу мажот и жената се причина за повеќето разлики во нивната способност за спортување.
Тестостеронот што го лачат машките полови жлезди, има силно анаболно дејство, што предизвикува депонирање на големо количество протеини во сите ткива, а особено во мускулите.
Имено, дури и кај нетренирани мажи, масата и силата на мускулното ткиво е за 40% поголема во однос на жените.
Женските хормони естрогени, го зголемуваат депонирањето на мастите во поткожното ткиво, поради што количеството на масното ткиво кај нетренираната жена изнесува 27%, а кај нетренираниот маж само 15%.
Поради тоа, мажите имаат предност во оние спортски дисциплини кои бараат брзина и мускулна сила, но во напорните и долготрајните спортски дисциплини (пливање на долги патеки) предноста е на страна на жените.
На пример, рекордот во препливувањето на каналот Ла Манш во двете насоки, го држи жена. Се претпоставува дека дел од причините лежи во фактот што женското тело има поголем процент на поткожното масно ткиво, кое е дополнителен извор на енергија при долготрајни спортски оптоварувања, а претставува и добар топлински изолатор.
Во споредба со мажите, жените генерално имаат повисок процент на масно ткиво кое е дистрибуирано главно на колковите и бутините, додека кај мажите мастите се распоредени во градниот дел и во стомачната регија.
Мажите имаат поголема телесна маса и се просечно повисоки во однос на жените. Жените имаат во просек, помало срце, помал волумен на крв и помала концентрација на хемоглобин, како и помал број еритроцити (хематокрит).
Во овариумите на жената се лачат хормоните естрадиол и прогестерон, додека во тестисите на мажот се продуцира хормонот тестостерон. Овие хормонски разлики се манифестираат во различноста на низа метаболички и регулаторни функции во организмот на жената и мажот, кои се особено изразени за време на вежбањето.
Генерално, жените имаат помал кардиореспираторен капацитет при вежбањето, во однос на мажите, што е резултат на следниве физиолошки карактеристики:
1. волуменот на белите дробови и волуменот на белодробните капилари е помал кај жените;
2. срцето на жената е во просек помало од срцето на мажот, што е проследено со помал волумен на полнење и помал ударен, односно минутен волумен;
3. крвта на жената има помала концентрација на хемоглобин и помал број еритроцити (хематокрит).
Поради сето ова, кај жените е намалена можноста за оксигенација на крвта, и се намалува способноста на крвта за транспорт на кислородот до скелетните мускули за време на вежбањето.
Но, намалениот кардиоваскуларен капацитет кај жените не значи и редуцирана издржливост и можност за адаптација на кардиореспираторниот систем при вежбањето.
Имено, ако параметрите на кардиоваскуларниот систем се прикажат релативно во однос на телесната површина и маса, половите разлики стануваат помалку изразени.
Хормонските разлики помеѓу мажите и жените доаѓаат особено до израз во однос на менструалниот циклус на жената. За време на вежбањето, доаѓа најчесто до скратување на лутеинската фаза, што се одразува и врз должината на целиот циклус.
Трите фази од циклусот се карактеризираат со динамичните варијации во концентрацијата на репродуктивните хормони кај жената (естрадиол, прогестерон).
Овие варијации се одразуваат и врз ефикасноста и перформансите на жената за време на вежбањето.
На почетокот и во средината на фоликуларната фаза, расте концентрацијата на естрогените (особено на естрадиолот) и на фоликулостимулативниот хормон на аденохипофизата.
Прогестеронот е познат како стимулатор на белодробната вентилација и инхибитор на некои од метаболичките дејства на естрадиолот. Како резултат на намалената концентрација на репродуктивните хормони во фоликуларната фаза, жената е ендокринолошки слична на мажот во оваа фаза од циклусот.
За време на овулаторната и лутеинската фаза расте концентрацијата на двата репродуктивни хормона. Како резултат на ова, при иста потрошувачка на кислородот (VO2max), катаболизмот на мастите кај жените е поинтензивен, а катаболизмот на јаглените хидрати е намален во споредба со оној кај мажите.
На пример, при трчање на 15 км, и при потрошувачка на кислород од 65%, кај жените се троши 25% помалку гликоген (како енергетски извор) во однос на идентично тренирани мажи. Се забележува и намалување на катаболизмот на протеините (за 30% се намалува екскрецијата на уреата, која е продукт на метаболизмот на протеините).
Резултатите од истражувањата покажуваат дека во оваријалната и лутеинската фаза од циклусот, жените можат да искористат како извор на енергија многу повеќе од мускулните резерви на масти отколку мажите. Како последица, се јавува пораст на концентрацијата на слободните масни киселини и глицеролот во крвта.
Овие разлики се намалуваат кај високо тренираните спортистки, веројатно поради намалена концентрација на естрогените, што е резултат на скратувањето на лутеинската фаза од циклусот.
Општо земено, мускулната моќ и силата кај жените е помала во однос на мажите, што е во согласност со помалата телесна и мускулна маса.
Но, резултатите од спортските истражувања покажуваат дека, на пример, по 16-неделен тренинг се забележува ист степен на мускулна хипертрофија и идентичен пораст на мускулна сила кај мажите и жените, во споредба со вредностите пред тренингот.