Многумина од вас ja обожаваат еуроблок тортата, која навистина има совршен вкус. Бидејќи тортата излегува навистина голема, јас некако ги приспособив мерките за помала торта, па лесно можете да ја направите за секоја пригода.

Има малку готвење и печење, но токму поради таа причина тортата е неспоредливо подобра од брзите колачи, што не се обидувам да ги омаловажам, има и навистина одлични вкусови, но јас сум поддржувач на вакви задоволства.

Мора да си ја направите, вие и вашите гости сигурно ќе уживате. Ако ви се чини дека е многу, можете да ја намалите количината на чоколадо, нема да ја изгубите густината на филот.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се печат две кори, а ова се состојки за една кора): 5 белки, 6 лажици шеќер, 50 мл ладна вода, 1 полна лажица брашно, 1 полна лажица какао, 4 полни лажици печени мелени лешници, 5 г прашок за печиво.

ЗА ПРВИОТ ФИЛ: 5 жолчки, 5 лажици шеќер, 50 мл млеко, 100 г еуроблок чоколадо,  100 г црно чоколадо, 125 г путер. ЗА ВТОРИОТ ФИЛ: 250 мл слатка павлака, 250 мл млеко, 5 жолчки, 6 лажици шеќер, 5 полни лажици брашно, 50 г или една кесичка шлаг крем од чоколадо, 100 г еуроблок чоколадо, 100 г црно чоколадо.

И УШТЕ: 250 мл слатка павлака или 100 – 150 г изматен шлаг. ЗА ГЛАЗУРА: 200 г чоколадо, 3 лажици масло, 10-тина лажици млеко.

ПОСТАПКА: Се вклучува рерната да се загрее на 180 степени. Се одвојуваат жолчките од белките, па жолчките се складираат настрана и се зачувуваат за подоцна. Белките се матат со шеќер, па се додава вода и се продолжува со матење, додека да се добие фина и еднолична смеса.

Се додаваат мелените лешници, брашното, какаото и прашокот за печиво. Инкорпорирајте ги сите состојки додека да добиете течна смеса, слична на онаа за палачинки.

На еден плех со димензии 30х40 см, се премачкува со масло или се става хартија за печење и одозгора се истура смесата за кора. Се распоредува и се остава да се пече околу 20-тина минути во зависност од рерната.

Истата постапка се прави и за втората кора. ЗА ПРВИОТ ФИЛ: Во тенџере се ставаат 5 жолчки се матат со шеќер и млеко, па се оставаат на пареа да се готват 10 минути. Потоа се додаваат двата видови на чоколадо (еуроблок и црно) и сето тоа заедно се меша додека да се растопат чоколадата. Се трга од оган и се остава да се олади со повремено мешање.

За другиот фил во тенџере се ставаат слатката павлака и половина од млекото и се оставаат на оган за да зовријат. Настрана се матат 5 жолчки (од претходно) со шеќер, брашно и остатокот од млекото. Кога млекото и слатката павлака ќе почнат да вријат се додаваат и матените јајца со брашното и остатокот од млекото.

Сè се вари со повремено мешање додека да почне кремот да се згуснува. Потоа се додаваат двата видови на чоколадо и се мешаат додека да се растопат. Се мати смесата со миксер и се остава да се олади со повремено мешање.

Во првиот изладен фил се додава путерот и се миксира во едноличен крем. Во вториот изладен фил се додава шлаг крем од чоколадо во прав (една кесичка) и се миксира.
Во друг сад ја матите слатката павлака. Корите се сечат хоризонтално или вертикално според ваша желба и се филуваат. Секоја кора се филува со третина од филот.

На четвртата кора не се става од филовите (до овој процес веќе треба да ви бидат потрошени). За глазурата е потребно да ги соедините чоколадото, маслото и млекото, па да ги стопите и да ги прелиете преку четвртата кора.

Еуроблок тортата е готова откако ќе се зацврсти и олади, оставена неколку часа во фрижидер. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.