Фотографија и рецепт на Наталија. Овие бомбици се нешто екстра брзо и едноставно, од сосем едноставни состојки. Згодни за се слави, родендени и слични пригоди, а може да се приготвуваат и во посна варијанта.

Кокосот со белото чоколадо малку асоцира на прочуените рафаело, но овие се малку поинакви, бидејќи кај нив доминира вкусот на бисквитите.

Ако белото чоколадо го замените со темно чоколадо, тогаш ќе добиете темна верзија од кокос бомбици, па сами проценете која варијанта најмногу ви одговара.

Потребни состојки: 200 мл вода, 100 г шеќер, 150 г маргарин, 100 г бело чоколадо, 100 г кокос, 250 г мелени бисквити. За валкање: околу 100 г кокос

Постапка: Во едно тенџере ставете вода, шеќер, маргарин и бело чоколадо искршено на коцки, па загревајте на тивко со постојано мешање додека состојките да се растопат и соединат.

Гответе кратко околу 2-3 минути, па тргнете од оган. Додадете го кокосот и мелените бисквити, па убаво промешајте со лажица. Оваа смеса ставете ја во фрижидер да излади и малку да се стегне за да може полесно да се формираат топчињата.

Од изладената смеса вадете со лажичка и формирајте топчиња. Редете ги врз хартија за печење, а потоа секое топче валкајте го во кокос. Вратете ги во фрижидер на ладење. Од оваа смеса мене ми излегоа 38 топчиња.

Напомена: За посна варијанта користете посно бело чоколадо и посни бисквити. Со оглед на тоа што белото чоколадо само по себе е многу благо, може да ја намалите количината на шеќер по вкус.

Бомбиците се најубави кога малку ќе отстојат на собна температура, бидејќи подобро им се чувствува вкусот отколку кога директно ги јадете од фрижидер.