Време е за берење на млади борови иглички. Имено, во месец мај кога започнува да буи вегетацијата, на боровите се појавуваат млади пупки кои имаат широка примена во фитотерапијата.

Во групата НМД рецепти, нашата драга членка Зорица Наумовска веќе си набра борови иглички и шишарки од преубавата Китка. Игличките ќе ги прелие со мед и после 40 дена ќе го процеди драгоцениот лековит – боров мед.

Фото и рецепт: Зорица Наумовска

Еве го нејзиниот рецепт: Се берат млади борови иглички и шишарки, се мијат со ладна вода и се сушат на крпа. Потоа се полнат во тегла – ред иглички ред мед – за боров мед, или ред иглички, ред шеќер за – боров сируп.

Во теглата се остава еден прст празнина, а капакот само така се става без цврсто да се затвори. Се остава 40 дена да отстои а потоа се процедува.

Во теглата може да се стави и парче лимон за арома. Доволно е да се консумира по една лажица дневно.

Напомена: Боровиот мед не се препорачува за трудници и доилки.

Според познавачот Акиф Смајловиќ, од исклучително важност е да се користат и препознаат боровите пупки и да не се заменат со едно слично дрво тис – taxus baccata кое е отровно.

Боровите иглички се богати со витамин Ц и А. Благодарение на витаминот Ц се користи за лекување на белите дробови, кај настинка, бронхитис, астма и за јакнење на имунитетот.

Помага за полесно искашлување и како колаген за обнова на клетките, а со самото тоа и за јакнење на општиот имунитет.

Витаминот А е многу важен за спречување на појава на мрена, а исто така исклучително е корисен за нега на кожата.

На првата фотографија е прикажан бор, а на втората смртно отровниот тис.

Во продолжение можете да го погледнете видеото каде е објаснето како се приготвува боровиот мед: