Дракче Стевковска е жена која секогаш е насмеана и полна со заразна позитивна енергија со која секому му го разубавува денот. Честопати за себе знае да каже “ја имам поврзаноста со луѓето, ги чувствувам нивните радости и таги како да се мои”.

Освен со луѓето, Драгче е поврзана со домот и билките, па во разни проекти можевме да ги слушнеме нејзините корисни совети за храната, растенијата и рачните изработки.

Овојпат, Драгче ја гледаме во нејзиното дворче, а доколку сакате да ги слушнете нејзините корисни совети за начинот на кој треба да се згрижат билките за зимување – погледнете го видеото под пишаниот текст.

“Ве поздравувам драги пријатели, од моето дворче, а ова кратко видео се надевам дека ќе ви биде интересно и од корист.

Љубовта кон цвеќето ја пресади мојата мајка во моето срце, затоа што нашата градина беше полна со цвеќиња, а нашата куќа изгледаше на цветен замок. Мајка ми не е меѓу живите, но нејзините цвеќиња продолжија да растат секаде во домовите каде ги има подарено.

Денес ќе презентираме што треба да се направи за цвеќето кое ни цветаше цело лето, да го презимиме за во зима, за да го имаме повторно напролет.

Бидејќи саксиите ни се големи и не можеме големи жардиниери да внесуваме, ќе се обидам да ви претставам како на полесен и поедноставен начин да ги спакувате и презимите вашите цвеќиња.

Овде имаме сардела, која народот уште ја нарекува и “селска”, “домашна” и “бабинска” сардела која има убава црвена боја. Беше помешана и со бела боја, но сега бидејќи е есен, останато е уште едно цветче.

Потребен ни е еден поголем нож за да можеме да ја извадиме од саксијата со колку може повеќе земја околу коренот. Обидете се да го извлечете најголемиот корен, а за размножување сочувајте ги и сите останати коренчиња.

За најлесно и наједноставно да ги складирате вака сочуваните корења, а притоа да не ви зафатат премногу простор, потробна ви е најлонска кеса, најобична (црна за ѓубре) од која со ножици ќе отсечете доволно големо парче со кое ќе може да се завитка коренот.

Во приготвеното парче кеса спакувајте го цвеќето, додадете уште малку земја во коренот ако за тоа е потребно, и подврзете ја кесата за да спречите истурање на земјата, но и изладување на коренот.

Многу малку додадете вода одозгора и оставете го цвеќето вака да преноќи една ноќ за да може водата убаво да се впие.

Постапката повторете ја со сите цвеќиња, а вака спакувани редете ги во картонски пакети. Во една најобична кутија може да се соберат 15 цвеќиња. Добро затворете ги и пренесете ги на местото одредено за презимување. Еднаш месечно наводнете ги со малку вода”, вели Драгче.

Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: