Млечен намаз со лешници и чоколадо – направете си домашен еурокрем за помалку од 15 минути. Рецепт на CooKing. Преубав млечен намаз со лешници и чоколадо. Домашен крем без конзерванси, многу е вкусен, а дечињата го обожаваат.

Потребни состојки: 200 мл млеко (или вода), 100 г лешник (или бело чоколадо), 100 г чоколадо (или какао), 100 – 300 г шеќер (по вкус), 20 г ванилин шеќер, 250 г млеко во прав, 150 – 200 г путер.

Постапка: Лешниците најдобро е претходно малку да се потпечат во рерна или на сува тава, а кога ќе се оладат излупете ги, да бидат бели. Или купете ги веќе печени и излупени од продавница за здрава храна. Потоа ставете 100 г во блендер и ситно сомелете ги додека почнат мастите да се одвојуваат од нив.

Во тенџере ставете 200 мл млеко, 20 г ванилин шеќер и обичен шеќер, од 100 до 300 г во зависност од тоа колку сакате да ви биде сладок кремот. Додајте и 150 – 200 г путер исечкан на помали коцки. Загрејте на умерен оган додека да се растопат и соединат состојките.

Садот тргнете го настрана, па постепено додавајте 250 г млеко во прав со постојано матење со миксер. Изматете добро за да нема грутчиња. Потоа смесата поделете ја на два дела додека сè уште е топла.

Во едниот дел промешајте ги мелените лешници, а во другиот сад промешајте 100 г црно чоколадо искршено на коцки. Изматете за да се соединат состојките. Смесата е полутечна, но тоа нека не ве буни, кога ќе се олади ќе се стегне. Складирајте во тегла и чувајте во фрижидер.

II рецепт – Домашна Нутела по рецепт на нутриционист без шеќер и адитиви

Намазите од лешници и чоколади се омилен додаток врз парче леб или палачинки, без разлика дали сте дете или возрасен. Ума Најду, нутриционист и психијатар, го сподели својот рецепт за намаз од чоколадо и лешник без додаток на шеќер, што ќе ве воодушеви.

Потребни состојки: 2 чаши излупени лешници, 100 г црно чоколадо (80%), 1 лажица какао во прав, 2 лажици мед, половина лажичка инстант кафе, 1 лажичка екстракт од ванила, 1 лажица кокосово масло (може, но доколку немате нема никаков проблем).

Подготовка: Ставете ги лешниците во плех обложен со хартија за печење и печете ги во рерна загреана на 180 степени. Потребни се околу десет минути лешниците да се испечат, но проверувајте ги постојано бидејќи тие можат лесно да изгорат.

Растопете го чоколадото на пареа, па ставете го заедно со лешниците во блендерот и блендирајте додека да добиете мазна смеса. Додајте ванила, мед, какао и кафе и проверете ја густината:

Ако лешниците се многу суви, можеби ќе треба да додадете лажица кокосово масло, но ако сте задоволни со текстурата, прескокнете го овој чекор. Истурете во чиста тегла и чувајте во фрижидер.