Домашна нутела – направете домашен намаз од чоколадо и лешници. Дали знаевте дека можете да направите домашна нутела за само 15 минути? Потребни ви се само пет намирници кои сите ги имаме во кујната. Без додадени адитиви, палмино масло и конзерванси, направете домашен чоколаден крем кој децата ќе го обожаваат.

Домашната Нутела е неспоредливо поздрава од која било купена тегла, а вкусот е фантастичен! Ова е највкусниот чоколаден прелив со лешници што го пробав досега, а децата го обожаваат. Кога ќе го направите, може да стои во фрижидер десетина дена, но кај нас се јаде за 3 дена.

За овој рецепт потребен ви е силен блендер кој ќе ги сомеле лешниците. Темното чоколадо игра голема улога овде, па обидете се да користите чоколадо за готвење со највисок квалитет и најмалку 70% какао.

Маслиновото масло му дава кремаста текстура на кремот, но во никој случај не користете многу масло. Водете се по количините на рецептот. Како замена секогаш можете да користите сончогледово масло.

Овој крем освен што децата го јадат намачкан на леб или бисквити, може да се користи и за филување на палачинки, торти, колачи или едноставно да го изедат децата со лажица. Кремот е толку многу вкусен што никој не може да му одолее! Со него можете да направите и слатки кифлички. Идеите никогаш не завршуваат.

Ние веќе подолго време не сме купиле Нутела и други производи кои содржат палмино масло, бидејќи тоа е штетно по здравјето. Ги читам етикетите на производите и го избегнувам колку што можам, но производителите сега пишуваат „растително масло“ на производите. Оттогаш не купуваме Нутела и често ја подготвуваме дома. Овој рецепт беше алтернатива за купечката Нутепа и затоа го споделувам со вас.

I рецепт

Потребни состојки: 120 г мелени лешници, 120 г кафеав шеќер, 25 мл маслиново масло (може и сончогледово), 200 мл топло млеко, 150 г црно чоколадо со 70% какао.

Подготовка: Ако користите сурови лешници, загрејте ја рерната на 180 ° С. Ставете ги во плех за печење и печете ги 10 до 15 минути, додека да поруменат. Во меѓувреме загрејте го млекото и оставете го настрана.

Растопете го чоколадото во микробранова печка (ќе ви требаат околу триесет секунди) или на пареа. Кога ќе се испечат лешниците, излупете ги така што ќе ги ставите во чиста крпа и ќе ги триете со неа за да им се отстрани тенката лушпа. Обидете се да отстраните што повеќе лушпа и потоа ставете ги во мелница или блендер.

Додадете шеќер и одржувајте го блендерот вклучен додека да добиете мазна паста (околу 2-5 минути) во зависност од јачината на вашиот блендер. Потоа, додека вашиот блендер сè уште работи, започнете постепено да ги додавате останатите состојки: масло, топло млеко и топло стопено чоколадо

Продолжете со миксање додека состојките да се соединат и да добиете мазна, хомогена структура. Смесата што ќе ја добиете ќе биде во течна форма. Претурете ја во чиста тегла и чувајте ја во фрижидер најмногу до две недели. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

II рецепт – Домашна Нутела по рецепт на нутриционист без шеќер и адитиви

Намазите од лешници и чоколади се омилен додаток врз парче леб или палачинки, без разлика дали сте дете или возрасен. Ума Најду, нутриционист и психијатар, го сподели својот рецепт за намаз од чоколадо и лешник без додаток на шеќер, што ќе ве воодушеви!

Потребни состојки: 2 чаши излупени лешници, 100 г црно чоколадо (80%), 1 лажица какао во прав, 2 лажици мед, половина лажичка инстант кафе, 1 лажичка екстракт од ванила, 1 лажица кокосово масло (може, но доколку немате нема никаков проблем).

Подготовка: Ставете ги лешниците во плех обложен со хартија за печење и печете ги во рерна загреана на 180 степени. Потребни се околу десет минути лешниците да се испечат, но проверувајте ги постојано бидејќи тие можат лесно да изгорат.

Растопете го чоколадото на пареа, па ставете го заедно со лешниците во блендерот и блендирајте додека да добиете мазна смеса. Додадете ванила, мед, какао и кафе и проверете ја густината – ако лешниците се многу суви, можеби ќе треба да додадете лажица кокосово масло, но ако сте задоволни со текстурата, прескокнете го овој чекор. Истурете во чиста тегла и чувајте во фрижидер. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.