Џемот од модри сливи има специфичен, неодолив вкус кој совршено одговара за разни слатки, торти, палачинки, на лепче… Овој рецепт е за наједноставната подготовка која не бара постојано да мешате и да стоите врз шпоретот. Џемот, едноставно се пече во рерна.




Потребни состојки: 5 кг модри сливи и 600 г шеќер

Совет: Доколку приготвувате од црни-модри сливи кои не се премногу слатки, за нив на 3 кг приближно се става 1 кг шеќер. Може да додадете пред крајот и 150 мл рум за вкус, 2-3 ванилин шеќер (малку цимет) и 20-тина мл вински оцет ( ½ филџан за кафе) кој се става 15-тина минути пред крај за да има џемот убава црвена боја, мирисот испарува и не се чувствува (по желба, не е спомнато во видеото).




Постапка: модрите сливи убаво измијте ги во неколку води, а потоа преполовете ги и исчистете ги од семките. Ставете ги во некое големо тенџере. Рерната вклучете ја да се загрева на 250 степени.




Исчистените сливи ставете ги на оган на рингла само колку да провријат, една минута. За тоа време рерната ќе се загрее. Провриените сливи вратете ги во тенџерето во кои ќе се печат, па ставете ги во загреаната рерна. Некаде на половина од печењето извадете ги, ќе забележите дека го пуштиле сокот.




Додајте половина килограм шеќер а по потреба додајте уште. Промешајте и вратете во рерна да се допече. Повремено проверувајте и промешувајте го џемот, приближно на секој половина час откако ќе започнете со печењето.




Во зависност од сочноста и сортата на сливите, џемот треба да се готви приближно 2-3 часа. Кога мислите дека е готов, извадете малку на тацна и оставете да излади, па проверете ја густината.




Врелиот џем собирајте го во тегли и затворајте ги и превртете ги наопаку за да се вакумираат. Оставете ги да изладат до послужување. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и рецептот на Марина Трајанова и погледнете како таа го приготвува џемот од модри сливи:




Џем од модри сливи во рерна, многу едноставно, многу лесно, брзо и без мешање

Џем од модри сливи во рерна (Фото и рецепт: Марина Трајанова)

Потребни состојки: 3 кг црни сливи, 1 кг шеќер, 150 мл рум, ванилин шеќер и цимет по желба

Џем од модри сливи во рерна (Фото и рецепт: Марина Трајанова)

Постапка: сливите добро измијте ги и ставете ги врз кујнска крпа да се исушат. Потоа пресечете ги на половина и отстранете им ги семките. Рерната загрејте ја на 200 степени.




Сливите измешајте ги co шеќерот и ванилиниот шеќер, а потоа ставете ги во длабока тава/тенџере/плех co капак, но бидете внимателни тавата да не биде пренатрупана co сливите, бидејќи џемот ќе врие и може да ви ја испрска рерната.




Тенџерето поклопете го co капакот и ставете го на средина во рерната. Првите 30 минути оставете го тенџерето поклопено, a потоа промешајте ги сливите. Капакот отстранете го и оставете го џемот да се пече од 2 до 2,5 часа, co повремено мешање.




Кога џемот ќе се згусне додајте ги румот и циметот, и печете уште 10 минуги. Готовиот џем од црни сливи извадете го од рерна и ставете го во топли стерилизирани тегли (чувани во топла рерна 15-тина минути на 50 степени).

Теглите затворете ги co метални капачиња, па стерилизирајте ги во рерна на 50-100 степени најмалку 15 минути. Исклучете ја рерната и оставете ги теглите неколку часа за да се изладат.

*На половина од печењето може да се стави околу 100 мл винска киселина и да се промеша, за да се сочува црвената боја.