Зошто ви се врти во главата кога нагло ќе станете? Одговорот можеби е – Ортостатска хипотензија

Ако наеднаш ве разбудил будилникот и панично сте се отргнале од сонот, можеби подобро е уште малку да полежите, зошто неизбежно ќе добиете вртоглавица и забрзано срцебиење. Тоа е нормална појава која многу кратко трае. Но, што ако не поминува вртоглавицата? Или ако ова често се случува? Прочитајте во продолжение за можните причини.

Разлика во крвниот притисок

Ако чувствувате вртоглавица кога од седечка или лежечка положба нагло ќе се исправите, тоа е поради брзиот пад на крвниот притисок.

Оваа состојба е позната како ортостатска хипотензија и често благо е изразена, а трае само неколку секунди по станувањето.

Ортостатската хипотензија им се случува на сите повремено. Меѓутоа, ако вртоглавицата се случува доста често и притоа трае подолго од неколку минути секојпат кога нагло ќе станете, тогаш тоа може да биде знак за некој посериозен здравствен проблем.

Може да постојат многу причини за вртоглавица при станувањето од седечка положба и некои од нив можат лесно да се елиминираат. Еве што може да ја предизвика оваа состојба.

ДЕХИДРАТАЦИЈА

Кога немате доволно течности во телото, постепено започнува да се губи волуменот на крвта.

Ова може да придонесе за намалување на крвниот притисок при станувањето, што доведува до вртоглавица.

Дехидратацијата може да биде предизвикана од недоволен внес на течности, при дијареа или повраќање, или при напорни тренинзи на професионални спортисти.

СРЦЕВИ ПРОБЛЕМИ?

Различни срцеви проблеми можат да доведат до чувство на вртоглавица и пад на крвниот притисок.

Слабата работа на срцето, срцев напад или проблем со срцева инсуфициенција можат да предизвикаат вртоглавица при станувањето.

Единствен начин за да бидете сигурни што точно се случува со вашето тело е да поразговарате со вашиот лекар и да ги направите потребните тестирања.

ПОРЕМЕТУВАЊА НА НЕРВНИОТ СИСТЕМ

Некои од пореметувањата на нервниот систем можат да го отежнат регулирањето на крвниот притисок.

Состојбите како што се деменција, Паркинсова болест или слично, можат сериозно да ја пореметат регулацијата на притисокот, која би требало да биде под надзор на лекар.

ПОСЛЕ ЈАДЕЊЕ

Поедини луѓе, особено повозрасните, може да доживеат нагло паѓање на крвниот притисок веднаш после оброкот. Токму ова би можело да биде причината зошто понекогаш чувствувате втоглавица кога ќе станете од маса.

КОЛКУ ГОДИНИ ИМАТЕ?

Нискиот крвен притисок станува вообичаен со текот на стареењето. Ова е затоа што клетките во близина на срцето и артериите кои го регулираат крвниот притисок се успоруваат, па поради тоа може да се јават проблеми со чукање на срцето.

ЛЕКОВИ

Извесен број лекови, како што се диуретиците, алфа и бета блокатори и многу други, може да направат хаос со крвниот притисок.

Некои пак други лекови може да доведат до проблеми со вртоглавица, вклучително и оние кои се користат за лекување на депресија, психотични пореметувања, еректилна дисфункција и Паркинсова болест. Мускулните релаксанти и наркотиците исто така може да имаат ист ефект.

БРЕМЕНОСТ

Во бременоста волуменот на крвта се зголемува па така крвниот притисок може да падне одеднаш и ненадејно. Сето ова е причина поради која вртоглавицата при станувањето е сосем нормална за бремените жени.

АЛКОХОЛ

Во ситуации кога лицето редовно пие алкохол, може да почувствува вртоглавица при станувањето. Намалето го консумирањето на алкохол, па и непријатните вртоглавици ќе се намалат.