Насловна фото: Родна Трпеска

РЕЦЕПТ 1

Велат, да се направи алва е вистински мајсторлук. Правата алва треба да се одвојува од лажицата, да не биде премногу брашно, да не е премногу масна, да не “дави” и да може да се јаде и со рака, но и со вилјушка. Оца е традиционален рецепт за алва без џемови, ванила или други додатоци, само ореви за наросување..
Рецепт: Арма

Потребни состојки:

110 г путер
110 г брашно
110 г шеќер
220 мл вода
ореви за наросување

Постапка:

Шеќерот и водата измешајте ги и ставете ги на страна. Во тенџере растопете го путерот, па кога ќе започнат да се создаваат меурчиња, намалете ја температурата, па додадете брашно.

Со дрвена лажица пржете го брашното околу 10-тина минути, додека да добие нежна светлокафеава боја.

Кога брашното е до половина пржено, ставете да се сварат водата и шеќерот. Варете ги само неколку минути, не премногу.

Готовото пропржено брашно ставете го на страна со дрвената лажица внатре. Во левата рака држете го капакот од тенџерето а во десната сирупот.

Брашното полијте го со топлиот сируп и веднаш прекријте го со капакот и притоа внимавајте на рацете да не се изгорите.

После неколку секунди кога смесата ќе се “смири”, брзо со дрвената лажица измешајте ја алвата за да нема грутчиња. Алвата вадете ја на чинија и наросете ја со мелени ореви.

За алвата секогаш оди мерки 1:1:1:2 за брашно, масло/путер, шеќер и вода. Од оваа мерка излагува една чинија, а вие ако сакате поголема количина само зголемете ги состојките. Доколку сакате можете во неа да ставите разни додатоци по вкус.

РЕЦЕПТ 2

Фото и рецепт: Родна Трпеска

Потребни состојки:

500 г брашно
масло по потреба (околу 500 мл)
500 г шеќер
500 мл вода
ореви по потреба

Постапка:

Во брашното се додава масло колку да може убаво да се меша. Се пржи додека да добие златнокафеава боја, па се трга на страна. Се дотура претходно сварен и врел шербет (10 мин) и се меша додека да се добие потребната густина. Се пропржува кратко, а потоа се наросува со ореви и се формива во облик по желба.

РЕЦЕПТ 3

Потребни состојки:

100 г путер или маргарин
100 г брашно
100 г шеќер
200 мл вода
1 ванилин шеќер
ореви или кокос за декорација

Постапка:

Растопете го путерот, па додадете го брашното. Постојано мешајте приближно 10 минути, бидејќи алвата лесно може да загори.

Во друго тенџерче ставете 200 мл вода и 100 г шеќер + кесичка ванилин шеќер и оставете сирупот да зоврие. Кога смесата со брашно ќе добие светлокафеава боја, додадете го сварениот сируп и внимавајте на рацете зошто може да прска. Оставете ја смесата 10 секунди поклопена, па веднаш поченет со мешање за да не се создадат грутчиња.

Алвата вадете ја на чинија со лажица и најдобро е да ја оставите во фрижидер малку да излади. Наросете со ореви или кокос по желба.