Home Останато Живот Д-р Зоран предизвика бурни реакции: Не можете да лудувате до 35.година, па...

Д-р Зоран предизвика бурни реакции: Не можете да лудувате до 35.година, па да го очекувате принцот на бел коњ

Доктор Зоран Миливојевиќ предизвика вистинска бура на социјалните мрежи поради ставот за девојките кои чекаат идеален партнер за брак.

Неговата приказна за факторите кои влијаат врз нормалниот раст и развој, како и тезата што е тоа што секој човек го прави да биде позрел во однос на другите во емоционална смисла, ја пренесе Инфпулт.

-Многумина возрасни луѓе, особено оние во младата животна доба, одбиваат да пораснат и се водат од детските фантазирања за идеална љубов која ќе им се случи тогаш кога ќе наидат на својот идеален партнер – наведува д-р Миливојевиќ.

-Очекуваат дека, дури тогаш ќе го најдат својот идеален партнер со кого ќе ја пронајдат идеалната среќа. Често ваквите луѓе наидуваат на „слепа“ улица во емоционалното созревање, а тоа најчесто се оние луѓе кои во детството биле премногу заштитувани.

Таквите лица имале угодно детство и сите околу нив се труделе да им угодат на сите можни начини. Идентификацијата е, смета д-р Миливојевиќ, многу важен процес на растење, при кој децата се огледуваат на своите родители:

-Кај нас тоа не функционира веќе 50 години наназад, девојките не сакаат да личат на своите мајки од причина што најчесто ги гледаат како жр-тви. Нивните мајки имаат многу обврски и многу работат, па тие заклучуваат дека нивните мајки се жр-тви и одлучуваат дека не го сакаат таквиот живот за себе.

Таквите девојки кога ќе пораснат попрво бираат да бидат како нивниот татко, да гледаат ТВ, да читаат весници и да не се занимаваат со „женски“ работи. На тој начин, истакнува д-р Миливојевиќ, го блокираат израснувањето, но истовремено годините поминуваат и тие стареат:

-Нивното тело старее, а психичкото и емоционалното созревање изостанува. За жените најдоброто време за да станат мајки и да родат е околу својата 24.година, но жените за тоа честопати започнуваат да размислуваат дури во третата деценија, околу своите 34 години.

Нивните мајки прават голема грешка и ги советуваат да „проживеат“ и да го видат светот, па дури потоа да се омажат и да имаат деца – заклучува докторот. Пораката која дигна голема прашина на социјалните мрежи е токму онаа упатена на „адресата“ на оние девојки кои сè уште „не се скрасиле“ до одредени години во животот:

„Не можете да очекувате дека ќе лудувате до 35. и потоа да си мислите дека ќе се појави оној вистинскиот, принцот на бел коњ кој ќе ве освои и со кој ќе живеете среќно до крајот на животот. Обично оној вистинскиот не се појавува кога вие ќе го очекувате, времето поминува, а вие стареете и така навршувате 40 години и сè уште сте сами.“

Доктор Миливојевиќ објасни и зошто:

-Жените на тие години им се намалува способноста да зачнат, па така честопати се случува убави и паметни жени да не можат да се остварат како мајки, иако тоа го посакуваат најмногу од сè.

Факт е, смета д-р Миливојевиќ, дека децата денес многу порано влегуваат во пубертет, па така, гледаме девојки кои се во шесто одделение, а исгледаат како оние од осмо. Тоа меѓутоа, не значи дека девојчињата се секогаш зрели и дека порано созреваат од момчињата – сето тоа зависи од критериумите со кои се оценува зрелоста.

-Ако погледнеме една жена која во своите четириесетти години има успешна кариера, свој стан, автомобил, добри односи со фамилијата, па според некои социјални критериуми таа е зрела жена, но дали навистина тоа е така? Ако го погледнеме нејзиниот емоционален развој, таа сè уште е девојче која чека да се појави принцот кој ќе ја спаси и ќе ја усреќи до крајот на животот.

Таа со своите 40 години размислува како едно девојче од 14 години – заклучува доктор Миливојевиќ.

Каков е вашиот став за девојките кои не сакаат да се омажат веднаш по завршувањето на средното училиште или факултетот и во биолошки зрелите години „го чекаат принцот на белиот коњ“? Дали „животот под стаклено ѕвоно“ за припадниците од обата пола е всушност „лоша услуга“ која родителите им ја прават на своите деца или тоа важи само за женските деца?