Вкусна кремаста торта. Видеото со деталите од подготовката се наоѓа под рецептот.

Потребни состојки:

200 г пишкоти
300 мл млеко
100 г црно чоколадо за готвење
100 г путер
1 полна лажица какао во прав
500 мл млеко
1 пудинг од кокос или ванила
80 г шеќер
6 листови желатин
300 мл слатка павлака
200 г кокос

Постапка:

Желатинот растопете го во вода и оставете го да се раствори. Потоа во тенџере ставете 300 мл млеко, путер и чоколадо, па загрејте го на умерен оган додека да се растопат и соединат состојките.

Истовремено сварете пудинг во 500 мл млеко со 80 г шеќер. Кога ќе се свари пудингот, во него додадете ги омекнатите листови желатин и промешајте за да се соединат. Оставете го пудингот на страна за да се олади. Додека се лади пудингот, во една чинија ставете го кремот од млеко, путер и чоколадо, а во друга чинија ставете кокос.

Пишкотите прво натопувајте ги во топлиот крем, па во кокосот, па редете ги во плех обложен со хартија за печење или проѕирна фолија.

Ако пишкотите се премногу бледи, во кремот додадете полна лажица какао во прав, вратете на оган малку да проврие, па продолжете да ги натопувате пишкотите.

Колку кремот е потопол, толку повеќе пишкотите ќе се натопуваат, но внимавајте да не се изгорите.

Кога ќе ги наредите пишкотите, ако имате доста крем прелијте уште малку врз пишкотите и наросете уште малку кокос.

Ладната слатка павлака изматете ја со миксер во цврст шлаг, па постепено додавајте пудинг малку по малку додека убаво да се соединат. Половина од добиениот крем излејте го преку пишкотите.

Наредете уште еден ред пишкоти натопени во црн крем и кокос. Па преку нив распоредете го остатокот од кремот. Убаво израмнете, па наредете уште еден ред пишкоти натопени во чоко крем и кокос.

Оставете да отстои половина час на собна температура, па еден час во обичен фрижидер и уште еден час во замрзнувач. Деталите околу приготвувањето на оваа торта можете да ги погледнете во видеото подолу.