I РЕЦЕПТ – Брза излеана пита со сирење – стар рецепт од нашето детство – мешај, излеј, испечи. Рецепт и видео на Бригита Хусиќ – Лења Пита на брзина. Драги мои, ова е брзо, побрзо не може; вкусно, а повкусно не може; едноставно, а поедноставно не може.

Можеби многумина ќе се потсетат на овој рецепт од детството, пробајте, ќе се воодушевите. Потребни состојки: 500 г ситно солено сирење за пити, 5 јајца, 500 г кисела павлака (или густ јогурт), 500 г крем сирење (неутрално, несолено), 1 прашок за печиво, 2 мали шолји за кафе масло, 8 полни лажици брашно, 4 полни лажици пченкарно брашно и сол по потреба.

Постапка: Во еден сад измешајте ги двете брашна со прашокот за печиво. Соленото сирење ситно издробете го, па во него додадете го јогуртот и крем сирењето. Промешајте убаво да се изедначи, вкусете, па по потреба додадете сол. Во добиената смеса додадете го маслото и брашното, па убаво промешајте со лажица.

Кога ќе се соедини смесата додадете 5 јајца и уште еднаш убаво промешајте до хомогенизирање. Рерната добро загрејте на 200 степени а тепсијата (30 см) намастете ја со масло и ставете ја во рерната и таа да се загрее (3-4). На овој начин, кога смесата ќе се излее врз загреано масло, питата нема да се залепи.

Значи, излејте ја смесата во загреана тепсија и израмнете добро. Вратете во рерна да се допече на 200 степени (на подолната решетка) додека убаво да зарумени, околу 40 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – Брза излеана пита со спанаќ: Се меша, се излева и се пече – брзо и вкусно. Фотографија и рецепт на Верче Илиоска – Солено печиво со спанаќ, брзо се приготвува а вкусот му е фантастичен! Може да се приготвува за појадок или вечера, а може да го замени и главниот оброк.

Многу лесно се приготвува, па кога немате многу време, а ви се јаде нешто вкусно, тогаш овој рецепт е вистинскиот за вас. Еве што ќе ви биде потребно. Потребни состојки: 4 јајца, ½ лажичка сол, 100 мл масло, 200 мл јогурт, 10 лажици брашно, 10 лажици палента, 1 прашок за печиво, 200-250 г сирење и 150-200 г исчистен спанаќ свеж, не обарен.

Наместо спанаќ може да додадете блитва, зеље или нешто друго што имате. Постапка: Изматете ги јајцата со половина лажиче сол, да станат пенасти. Додадете масло и продолжете со матење. Потоа додадете јогурт, па промешуваме и додаваме брашно, палента, прашок за печиво и мешаме да се изедначи смесата.

На крај го додаваме спанаќот претходно измиен и исечкан на ленти и сирење крупно издробено, да се познава повеќе. Спанаќот нема потреба да го бланширате претходно, ниту да го варите, доволно е добро да го измиете, да ги исечкате и со малку сол да го истискате со рацете за да омекне уште повеќе.

Мешаме убаво да се изедначи и смесата ја излеваме во правоаголен калап претходно обложен со хартија за печење. Печеме во претходно добро загреана рерна на 180 степени околу 40 минути или додека да зарумени, во зависност од вашата рерна. Се послужува со јогурт или кисела павлака.

III РЕЦЕПТ – Брза излеана пита со месо, измати, излеј и испечи, идеална кога немате многу време. Рецепт за брза пита со месо без кори, идеална за појадок, ручек или вечера, брза и едноставна подготовка. Рецептот и видео презентацијата е на CooKing: Пита со месо без кори.

Питата е со мелено месо, но без кори, и е идеална за појадок, вечера, како предјадење, за ужина. Се приготвува многу едноставно и брзо. Одлично одговара со салата од домати или со шолја јогурт. За да ја приготвите оваа брза пита ќе ви бидат потребни следните состојки:

500 г мелено месо, 60 г кромид, сол, црн пипер, масло, 4 јајца, 10 лажици брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 2 лажички пармезан, 180 мл јогурт и 1 лажица масло. Питата се пече во тепсија или плех со димензии 28х17 см или приближно. Постапка: На малку загреано масло пропржете ситно сечкан кромид.

Посолете го и динстајте го под капак, со повремено промешување додека да омекне. Потоа додадете 500 г мелено месо, посолете го и запиперете го по вкус. Измешајте го месото со кромидот и пржете го на умерена температура сè додека да ја смени бојата и да испарат соковите.

Во посебен сад изматете 4 јајца со маталка, посолете ги по вкус. Додадете 180 мл јогурт и соединете во убава изедначена хомогена смеса. Додадете 10 лажици брашно, една лажичка прашок за печиво (најубаво е ако ги просеете) и 2 лажички рендан пармезан.

Изматете со маталка па додадете една лажица масло. Во смесата од јајца додадете го прженото и подизладено месо и промешајте за да се изедначат и соединат состојките. Добиената смеса излејте ја во огноотпорен сад со димензии 28х17 см (претходно можете да го намастите и набрашните за да не ви лепи) и ставете да се пече на 200 степени додека убаво да зарумени, околу половина час.

Печената кора покријте ја со фолија и кујнска крпа за да омекне и да остане воздушеста и сочна, оставете ја малку да подизлати, па дури потоа сечете ја на коцки. Можете да ја послужите за појадок, вечера, но и како главен орбок. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

IV РЕЦЕПТ – Брза излеана пита со спанаќ– брза како БРЗИ ГОНЗАЛЕС – Питата е превкусна, лесно и многу брзо се приготвува, идеално се секое време, особено кога немате доволно време. Наместо спанаќ може да употребите блитва, коприва или што и да имате.

Потребни состојки: 400 г спанаќ или зелје, 4 јајца, 1 шолја (за чај или бело кафе од 250 мл) пченкарно брашно, 2 шолји пченично брашно (обично, бело), 100 мл масло, 1 прашок за печиво,1-2 лажички сол или по вкус, 1 чаша кисело млеко од 180 г, 300 г ситно сирење за пита.

Постапка: Спанаќот убаво измијте го, исцедете го, па исцепкајте го или исечкајте го ситно. Ставете го во еден сад и прелијте го со зовриена вода, а може и да го обарите (како ви е полесно). Оставете малку да отстои за да омекне, да подизлади, па процедете го.

Бидејќи питата брзо се приготвува, уште на почетокот вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Во поголем сад скршете ги јајцата и изматете ги со жица. Додадете масло и киселото млеко, па повторно измешајте за да се соединат состојките.

Посолете по вкус и додадете го пченкарното брашно. Промешајте со жицата за да се соедини смесата. Наместо пченкарно може да користите хељдино или некое друго по ваша желба. Додадете една шолја обично брашно, па откако добро ќе промешате, додадете го сирењето, втората шолја брашно и прашокот за печиво.

Спанаќот процедете го, па и него додатете го во смесата. Убаво со лажица промешајте за да се изедначат состојките. Еден класичен плех со средна величина намастете го со масло па излејте ја смесата и рамномерно распоредете. Одозгора можете да наросите сусам и да ја ставите питата да се пече во загреаната рерна на 200 степени околу половина час. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.

V РЕЦЕПТ – Брза излеана пита со тиквички, едноставна, а многу вкусна, одлична за појадок, ручек или вечера. Рецепт со видео прилог на Том Филос. Рецептот е одличен, без грешка! Искористете ја сезоната на тиквичките и пригответе брз, а здрав и вкусен оброк за вашите најмили.

Потребни состојки: 2 тиквички со средна големина, 4 јајца, 200 г кисела павлака, 100 мл масло, 200 г гриз, 10 г прашок за печиво, сол по вкус. Постапка: Тиквичките измијте ги со ладна вода, излупете ги и отстранете им ја дршката. Потоа изрендајте ги на на ренде.

Посолете ги одозгора и оставете ги на страна додека ја приготвувате смесата за тесто. Во подлабок сад ставете сè одеднаш: 4 јајца, 100 мл масло, 200 г кисела павлака, 200 г гриз и 10 г прашок за печиво. Со жица за матење убаво промешајте ги состојките додека да добиете хомогена изедначена смеса.

Тиквичките убаво со раце истискајте ги и исцедете ги, па и нив додадете ги во смесата. Промешајте. Плех со средна величина убаво намастете го со путер или маргарин, па смесата излејте ја во него.

Одозгора наросете ким или семе по желба, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 40 минути. Печената пита оставете неколку минути да подизлади, па сечете ја и послужете ја со јогурт, кисело млеко или по желба. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

VI РЕЦЕПТ – Брзо и евтино – оваа излеана пита со тиквички ќе ја правите 100 пати (секој може да ја направи). Здраво драги мои. Оваа едноставна пита кога еднаш ќе ја пробате, ќе ја правите 100 пати.

Неверојатно е мека, сочна и вкусна со шолја јогурт, идеална за брза вечера или појадок. Многу брзо се приготвува, а уште побрзо се јаде, целото семјство ќе ја сакаат. Лесна е и на секому му годи, особено во летните денови. Уживајте. Рецепт и видео презентација на “Јеца Сваштарица”- Брза и евтина пита.

Потребни состојки: 3 јајца, 1 лажичка сол, ½ лажичка црн пипер, 2 лажици кисела павлака, 100 мл масло, 200 мл јогурт, 6 лажици брашно, 2 лажици гриз, ½ кесичка прашок за печиво, 1 тиквичка, ½ страк праз, 1 домат и сусам. Се пече во плех со димензии 32х20 см, асе пече 30 минути на 200 степени.

Постапка: Изматете три јајца со жица за матење, па додадете лажичка сол, половина лажичка црн пипер, па повторно малку промешајте. Потоа додадете две полни супени лажици кисела павлака, а од течни состојки додадете 100 мл масло и 200 мл јогурт. Убаво промешајте за да соединат состојките.

Во приготвената смеса додадете една помала тиквичка претходно исечкана на ситни коцкички, половина страк праз, исто така ситно исечкан и еден домат исечен на коцки. Во друг сад измешајте 6 супени лажици брашно и половина кесичка прашок за печиво, па просејте го врз претходната смеса.

Додадете и две супени лажици гриз, па нежно промешајте за да се соединат состојките. Добиената смеса излејте ја во претходно намастен и набрашнет плех со димензии 32х20 см, наросете сусам и малку домат исечкан на коцки, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, половина час. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.