I РЕЦЕПТ – Пита на поинаков начин – многу брза, крцкава и сочна, со богат вкус, залиена со превкусен прелив. Ова е најдобриот начин да се приготви крцкава пита од готови кори – со овој прелив питата се топи во уста. Рецепт и видео прилог на симпатичната Лета од Летина кујна:

Прелиена, крцкава, путер пита со сирење и павлака за готвење. Рецептот е несекојдневен. Но, доколку го испробате, ќе се уверите колку е едноставен, а неверојатно вкусен. За да направите оваа пита не треба да сте експерти, потребно е само точно да го следите упатството.

Ќе добиете многу вкусна пита од која сите ќе ви побараат уште едно парче. Питата се залива со неутрална течна павлака, но доколку немате, може да се замени со млеко. Одозгора може да наросите сусам, ленено семе, ким, црно семе или семки од тиква и сончоглед, односно какви што вие си сакате.

Состојките за преливот доколку сакате можете да ги зголемите. За половина килограм кори, доколку сакате питата да ви биде малку повеќе сочна, може да употребите двојна доза отколку што е наведено во рецептот, односно 250 г путер и 500 мл неутрална павлака.

Меѓутоа, и според наведениот рецепт, питата е одлична. Наместо путер може да употребите маргарин, а наместо сирење може да ставите спанаќ или фил по сопствен избор. Можете дури да ја приготвите и со мелено месо, па тогаш ќе добиете и прекрасно богато јадење.

Откако еднаш ќе ја направите, постојано ќе ја правите на овој начин. За да приготвите оваа пита ќе ви бидат потребни следните состојки: 12 готови кори за пита, 250 г ситно сирење, 250 мл течна неутрална павлака за готвење, 100 г путер, 20 мл масло и сол по потреба.

Постапката е следна: Најпрво путерот растопете го на тивок оган. Во путерот додадете 2 супени лажици масло, и на крај додадете ја павлаката за готвење. Убаво промешајте за да се соединат сите состојки во млечно бела течна смеса – ова е преливот за корите.

Започнете го редењето на корите. За секој ролат ќе ви бидат потребни по 3 кори. Секоја кора премачкајте ја со преливот, а на третата ставете сирење. Сирењето или урдата ставете го обилно, не штедете, питата ќе ви биде уште повкусна. Подвиткајте ги малку краевите за да не се истура филот, па виткајте како ролат.

Вака спакуван ролатот исечете го на помали парчиња. Парчињата можете да ги сечете и со големина по ваша желба. Потоа редете во намастен плех, обложен со хартија за печење (полесно е за миење на плехот). Одозгора премачкајте ги ролатите убаво со преостанатиот прелив, а она што ќе остане прелијте го.

Оставете неколку минути за да се впие дел од течноста, па ставете ја питата да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 25-30 минути. Печената пита извадете и оставете ја малку да подизлади, па послужете ја со чаша јогурт, кисело млеко или нешто по ваша желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – Како да направите пита со готови кори а да биде иста како домашна правена. Оваа пита со готови кори навистина со вкусот и изгледот потсетува на домашна пита. Излегува доста, нема да ве разочара. Може да ја филувате со сирење, спанаќ, блитва, зелка, месо, праз.

А, исто така може да ја приготвувате и во слатка варијанта, па да ја филувате со рендана тиква, јаболка, вишни или нешто по ваша желба. Потребни состојки: 1 пакување готови кори, 3 јајца, 1 кесичка сув квасец, 1 лажичка шеќер, 2 филџани топло млеко, 2 филџани топла вода, 1,5 филџан масло, сол по вкус и 20-тина лажици брашно.

За фил – предлог за оваа пита ќе ви биде потребнат следните состојки по желба: сирење, спанаќ, месо… Постапка: Најпрво загрејте го млекото да биде млако, а потоа во него додадете една кесичка сув квасец и шеќер (може и една лажица брашно).

Промешајте убаво за да се раствори шеќерот, да нема грутчиња од квасецот и брашното, па оставете го квасецот 10-тина минути да се активира и да запени. Во друг подлабок сад изматете ги јајцата со миксер или жица Матете ги додека убаво да се запенат, побелат и згуснат.

Додадете два филџани млака вода и 1,5 филџан масло. Малку посолете, но внимавајте доколку и сирењето е солено. Промешајте со жица за да се изедначи. Кога квасецот ќе се активира, додадете го и него во оваа смеса па заедно убаво промешајте со жицата за матење.

На крај постепено додавајте брашно, бкупно околу 20-тина лажици, постојано мејќи за да нема грутчиња. Смесата треба да биде со густина како онаа за палачинки. Ставете неколку лажици врз една кора и убаво премачкајте ја со силиконска четка. Врз неа ставете друга кора, па и неа премачкајте ја.

Можете да филувате по две или три кори, тоа е по ваша желба. Додадете го приготвеното сирење или филот со кој сте одбрале да ја филувате питата, па свиткајте како што е прикажано во видеото подолу. Најпрво превиткајте ги по 1,5 см сите краеви, па од страната на филот свиткајте ја ролната.

Редете во тепсија како полжав со надоврзување на секоја ролна. Со остатокот од смесата премачкајте ја целата пита и ставете да се пече во загреана рерна на 150 степени околу 10 минути, а потоа зголемете ја температурата на 180 степени и печете додека да зарумени. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото: ОВДЕ.

III РЕЦЕПТ – Пита ПЕТКА со спанаќ и сирење со готови кори – одлична! Иде сè по 5, од мене има чиста петка. Питата се вика ПЕТКА, а ќе ви стане јасно штом ќе ги погледнете состојките. После тоа, откако ќе ја приготвите, можете да се уверите колку е мека, сочна и вкусна, а се приготвува за многу кратко време.

Потребни состојки: 500 г кори, 500 г сирење, 500 г спанаќ, 5 јајца, 50 мл јогурт, 50 мл масло, 5 лажици пченкарно брашно/гриз, сол и црн пипер по вкус. Постапка: Во соодветен сад ставете го издробеното сирење, јајцата, маслото, пченкарниот гриз и добро измиксајте.

Од оваа смеса малку одвојте на страна за премачкување на ролатите одозгора, а потоа додадете го ситно исечакниот спанаќ. Земете една кора, малку наросете ја со масло или премачкајте ја со четка, па преку неа ставете друга кора. Потоа распоредете дел ос смесата, завиткајте во ролат и ставете во плех обложен со хартија.

Повторете ја постапката додека да ги потрошите корите и смесата. Питата пред печење премачкајте ја одозгора со смесата што ја тргнавте на страна. Ставете да се пече во загреана рерна на 220 степени околу 30-40 минути, во зависност од вашата рерна. Bon appetit.

IV РЕЦЕПТ – Оваа пита веднаш ми ја разграбуваат – пита со сирење од готови кори. Многу лесна подготовка. Потребни состојки: 500 г готови кори за пита, 300 г сирење, 2 јајца, масло и сол. За прелив: 1 сув квасец, 1 прстофат шеќер, 1 лажичка сол, 3 јајца, 4 шолји (мали за кафе) млеко, 2 шолји масло и 3 шолји брашно.

Постапката е многу лесна. Постапка: За прелив ќе ви бидат потребни следните состојки: во сувиот квасец додадете малку топла вода, а потоа ставете шеќер и сол. Откако ќе се активира, додадете јајца, брашно, млеко и масло. Сето добро измешајте го да нема грутчиња.

Ќе добиете густа смеса. Фил од сирење: Сирењето изгмечете го и додадете го во изматените јајца, па посолете и измешајте. Постапка за корите: Ставете ја првата кора, премачкајте ја со преливот, потоа ставете втора кора, премачкајте, па трета кора, исто така премачкајте.

Врз третата кора ставете фил од сирење. Ивиците добро затворете ги за да не истекува сирењето и свиткајте како ролат. Избројте ги корите и добро поделете го сирењето за да ви стигне за сите ролати. Оставете ги ролатите да одморат околу 30-40 минути за убаво да го впијат преливот.

Тепсијата намастете ја и печете околу 40 минути на 200-220 степени или додека да зарумени. Зависи како ви пече рерната: ако за кратко време фати боја одозгора, спуштете ја решетката подолу и ставете хартија за печење одозгора, па допечете ја питата.

V РЕЦЕПТ – Банички со сирење и готови кори кои се топат во уста. Фотографија и рецепт на Зорка Јанчева. Потребни состојки: 500 г готови кори, 600 г ситно сирење, 2 јајца, 1 лажичка прашок за печиво, 250 мл газирана вода, 300 мл масло. Постапка:

За приготвување на филот: Се меша дробеното сирење со две јајца и една лажичка прашок за печиво. Се мешаат маслото и газираната вода во еден сад и со оваа течност се премачкуваат сите кори, а не четвртата се става фил. Се витка како ролат.

Се повторува постапката додека да се потрошат состојките. Се премачкуваат со преостанатата течност и се сечат помали парчиња. Се пече во загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути, па откако се готови баничките се премачкуваат уште еднаш со течноста и се покриваат за да омекнат.

VI РЕЦЕПТ – Пита со готови кори – повкусна не сте јаделе: тајната е во преливот. Фотографија и рецепт на Елена Ангелевска. Потребни состојки: 500 г кори, 500 мл млака вода, 1/2 коцка свеж квасец, 2 шолји брашно, 1/2 шолја масло и 1/2 лажичка сол.

За фил: 500 г урда, 3 јајца и 1 лажичка сол. Постапка: Квасецот се става во 500 мл млака вода да се растопи, па се додава солта, маслото и брашното. Се меша и се добива смеса како каша. На урдата и се додава една лажичка сол и се меша со јајцата. Се зема една кора, се премачкува со кашата.

Врз неа се реди втората кора, па и таа се премачкува. Истото се повторува и со третата кора. Откако ќе се премачка третата кора, се реди филот (урдата) и се витка во ролат, па се става во намастена тепсија. Постапката се повторува со сите кори. Со кашата што ќе остане се премачкуваат корите одозгора и се поросува со сусам.

Вака се оставаат да отстојат 1 час, па потоа се печат на 200 степени додека да заруменат. Исто така, доколку сакате да направите мини банички, со истата каша премачкајте една кора, ставете фил по желба, свиткајте ја кората како ролат, па потоа во полжавче. Одозгора премачкајте со кашата. Печете на 200 степени додека да заруменат.

VII РЕЦЕПТ – Пита од готови кори со специјална смеса за премачкување. Фотографија и рецепт на Рахилка Димковска. Потребни состојки: 500 г кори. Смеса за премачкување на корите: 1 сув квасец, 1 чаша јогурт, 1 чаша млеко, 1 чаша кисела вода, 1 чаша масло, 15 лажици брашно.

Постапка: Се мешаат состојките за смесата и се остава околу 15-20 минути. Потоа се додаваат 2 јајца и се мешаат во смесата за премачкување. Јас користам по три кори за една ролна. Првата кора ја премачкувам со смесата, па доаѓа втората кора и пак од смесата, па третата кора и на еден крај од кората ставам издробено сирење, па ги виткам во ролна, сите така.

Смесата која ќе преостане ја преливам одозгора и ја оставам питата 1 час и 30 минути да отстои. Потоа се пече во загреана рерна на 250 степени околу 10 минути, а потоа се намалува на 180 степени, во зависност од шпоретот.

VIII РЕЦЕПТ – Триаголници со готови кори, децата многу ми ги сакаат, ги правам често. Оваа феноменална пита ми ја покажа мојата свекрва. Оттогаш многу често ја правам, превкусна е и децата многу ми ја бараат. Верувајте, кога и вие еднаш ќе ја направите, ќе стане многу чест рецепт во вашата кујна.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г готови кори за пита, 1 кисела павлака (180 г) или јогурт, 4 јајца, 1 чаша (од киселата павлака) масло, 500 г сирење кравјо или по ваш вкус и сол по потреба. ПОСТАПКА: Изматете го сирењето со две јајца. Посолете по потреба. Направете го филот со кој ќе ги премачкуваме корите:

Се прави така што ги матиме заедно киселата павлака со 2 јајца и една чаша (од павлаката) масло. Малку посолете. Корите пресечете ги со нож по средина, за да добиете помали кори. Земајте по една кора, премачкајте ја по целата површина со приготвениот фил.

Преклопете еден дел, а преку него уште еднаш, за да добиете кора со должина од околу 25 см и ширина 8 см. На едниот крај од аголот ставете сирење, преклопете за да добиете триаголник. Правете вакви триаголничиња додека да ви се потроши сирењето, а ако ви остане ставете го одозгора врз триаголниците.

Печете ги 10-15 минути на 200 степени. Мора да ви кажам дека триаголниците, нивната величина и големина зависи од корите. Од неодамна купувам едни кори кои се наменети за солени пити, па триаголниците ми излегуваат совршени. Коментар на Фемије Сулејмани: “Супер ви се рецептите. Јас наместо сирење, некојпат питата ја правам со праз.

Во празот сечкам и една главица кромид, посолувам малку и запиперувам со црн и црвен пипер и малку масло. Сето тоа добро се меша. Наместо кисела павлака јас додавам една чаша газирана вода и со оваа смеса ги мачкам корите, ги диплам на половина, па уште еднаш за да дојде долга и тесна кората. Потоа ја филувам со празот и правам триаголници. А ќе пробам и со овој фил, изгледа фантастично.”