Ова се типични италијански колачи Тоцети од регионот на Умбрија, кои се јадат со десертно вино или кафе. Рецептот за овие превкусни колачи ни го откри нашата пријателка Рената Трајчевска за читателите на НМД.мк

Потребни состојки: 400 г брашно, 200 г шеќер, 3 јајца, 80 г путер омекнат, ½ лажичка сода бикарбона, 10 мл ликер по желба, 100 г лешници, 100 г бадеми. По желба може да се додаде лаванда и ѕвездест анасон (може и цимет, ванила, кардамом или некоја друга арома по вкус).

Постапка: Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, бидејќи многу брзо се приготвува тестото за овој колач. Исто така и плехот од рерна обложете го со хартија за печење. Во подлабок сад прво соединете ги сувите состојки, а потоа додадете ги јајцата, омекнатиот путер и ликерот.

Мешајте прво со виљушка, а потоа завршете го месењето со рака. На крај додадете ги лешниците и бадемите и уште кратко време промесете додека рамномерно да се распоредат во тестото.

Добиеното тесто поделете го на три еднакви делови, а од секој дел формирајте долги и тесни ваљаци. Наредете ги ролатите во обложениот плех и ставете ги да се печат во загреаната рерна 15 минути. Извадете ги од рерната и исечете ги на парчиња со дебелина од околу 1 см.

Редете ги свртени нагоре со испечениот дел во обложениот плех и вратете ги да се печат уште 5 минути или ако сакате попечени и некоја минута плус. Имаат прекрасен вкус, доста излегуваат, но многу брзо се јадат! Одлични се како закуска, со кафе или чај.

Фото и рецепт: Рената Трајчевска