За сите љубители на празот и сирењето, ова е пита приготвена на малку понаков начин.

Многу брзо се приготвува. единствено време ќе ви одземе чистењето и сечкањето на празот. Малку се проржува колку да омекне, се остава да излади, а потоа се меша заедно со сите други состојки. Ако ја печете во помал калап ќе излезе повисока, а во потенок калап, питата ќе биде пониска. Се пече на 180-200 степени околу 30-45 минути.

Потребни состојки:

500 г праз (околу 4 поголеми страка)
400 мл топло млеко
250 г брашно
250 г сирење
8 г прашок за печиво или ½ кесичка
4 јајца
сол и црн пипер по вкус
масло

Постапка:

Празот исчистете го, расечете го на половина, па добро измијте го по млаз ладна вода. Исечете го по должина, на полукругови и испржете го на загреано масло. Откако ќе омекне, оставете г да излади.

Во подлабок сад ставете брашно, изматени јајца со виљушка, прашок за печиво, млако млеко, издробено сирење, посолете и запиперете по вкус. Убаво промешајте за да се соединат состојките.

Смесата излејте ја во добро намастена тркалезна тепсија (или плех со средна величина) и ставете да се пече половина час во претходно загреана рерна на 200 степени.

Готовата пита превртете ја врз чинија за послужување, исечете ја на парчиња и послужете ја со некое убаво бело вино или јогурт.

Може да биде неделен појадок или вечера, а може да се послужи и како предјадење или закуска за гостите.

Оригиналниот рецепт е од “Храна и вино” на Весна Талеска, но не е наведена величината на тепсијата. Јас користев со пречник од 26 см, ми излезе малку подебела од нејзината, па затоа ја печев 45 минути на 180 степени. Што значи, според тепсијата прилагодете го печењето.

Оваа пита подеднакво е убава и кога е ладна, дури за мене и поубава. Ако сакате потенка пита, печете ја во тепсија со пречник од 30 см и подесете го времето на печење според вашата рерна.

Coolinarika.com