Нашата драга пријателка Рената Трајчевска овојпат ги надмина очекувањата на сите и направи чизкејк за сите пофалби! На ова ремек дело можат да и позавидат и најреномираните слаткарници во светот.

Таа првпат го приготвува овој колач, а за вкусот вели: “Го видов рецептот на интернет и го направив со мали измени, по мој вкус го приготвив со крем сирењето „Маскарпоне“.

Не можам да ви објаснам колку е добар вкусот, свиленкаст со различни текстури, секој слој се топи во уста и се чувствуваат различни вкусови од путерот, павлаката, маскарпонето, портокалот, шумското овошје, јагодите и ванилата…senza parole…”, објасни Рената Трајчевска.

Инаку, чизкејкот е извонреден десерт кој е исклучително популарен во светот. Токму поради неговата популарност, постојат многу различни верзии прилагодени според вкусовите на различните нации.

Составен е од два дела: основа, направена главно од трошки од чајно печиво, бисквити или кекс и фил, направен од засладено меко сирење или крем сирење. Во Америка за приготвувањето на чизкејк најчесто се користи крем сирење, а во Италија сирење рикота или маскарпоне.

За да има уште побогат вкус, озгора се става свежо овошје, исечкани јаткасти плодови или пак слатко од овошје. Рецептот на Рената Трајчевска го испробавме и мора да го искоментираме: не само што многу брзо се приготвува, туку и навистина има одличен вкус! Вреди да го испробате…

Потребни состојки: 400 г мелени плазма бисквити, 200 г растопен путер и 1 портокал – сок. За бел крем: 500 мл течна павлака (хопла), 120 г шеќер, 500 г крем сирење маскарпоне, 2 лажици ванилин екстракт, 20 г желатин, 10 лажици ладна вода и 100 мл врело млеко

За овошен прелив: 400 г малини (или по желба шумско овошје, или друго бобесто овошје по ваш избор), 100 мл вода, 3 лажици шеќер, 10 г желатин и 5 лажици ладна вода.

Постапка за приготвување на подлогата: во еден сад се ставаат мелените плазма бисквити и се прелеваат со 200 г растопен путер и сок од еден портокал. Се натапкува на дното од калапот за торти.

Постапка за приготвување на белиот крем: се мати 500 мл хопла со 120 г шеќер. Кога ќе се добие цврст шлаг се додава крем сирењето и две лажици екстракт од ванила. Добро се мати заедно додека да се изедначи.

На страна се растопува 20 г желатин со 10 лажици ладна вода, па откако ќе се растопи и набубри се меша со 100 мл врело млеко. Убаво се промешува и се додава во изматениот крем.

Промешаниот крем се распоредува рамномерно врз бисквитната подлога. За овошен прелив: 400 г шумско овошје (или малини, боровинки) се прелеваат со 100 мл вода и 3 лажици шеќер. Се остава да зоврие убаво.

Се трга од оган и се додава 10 г желатин претходно растопен со 5 лажици вода. Се остава малку да подизлади па се прелива врз белиот крем. Се остава неколку часа за да се стегне на ладно или во фрижидер. / Фотографија и рецепт на Рената Трајчевска

Рената Трајчевска / Чизкејк
Рената Трајчевска / Чизкејк
Рената Трајчевска / Чизкејк