Солените ролати се многу вкусни и декоративни, па затоа празничната трпеза не може да се замисли без нив. Речиси секогаш први се изедуваат, бидејќи се разновидни и може да се подготват со различни вкусови. Ви го претставуваме наједноставниот и најбрзиот рецепт кој со вкус и изглед не заостанува зад другите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 1/2 лажичка сол, 1 шолја (од 200 мл) јогурт, 1 шолја брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво. По желба, во тестото може да додадете две лажици ајвар за да добиете црвено тесто.




За фил: 100-200 г крем сирење, 30 г кисели краставички, 100 г шунка, 20 г мајонез. Секако, филот може да биде по ваш избор, како и декорацијата. ПОСТАПКА: Веднаш на самиот почеток вклучете ја ринглата да се загрева на 200 степени, бидејќи за кратко време се подготвува тестото.




Пенасто изматете ги јајцата со малку сол. Потребно е да ги матите со миксер околу пет минути додека убаво да згуснат. Потоа додајте го јогуртот и уште малку матете. По желба, може да ја намалите количината нба јогуртот, а за добиената разлика додајте масло.




Потоа додајте го просеаното брашно помешано со прашок за печиво. Состојките добро соединете ги во еднолична смеса. На големиот плех од рерна поставете хартија за печење.




Одозгора излејте го тестото и рамномерно распоредете го. малку протресете го плехот и потчукнете го. Потоа ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути.




Печениот ролат свиткајте го во чиста, мокра крпа и оставете го така да се лади. За тоа време пригответе го филот. Во подлабока чинија ставете го крем сирењето и помешајте го со мајонезот, па додајте рендани кисели краставички.




Ролатот одвиткајте го и тргнете ја крпата. Премачкјате го со приготвената смеса од крем сирење, а одозгора рамномерно наредете тенки листови шунка (или некој друг деликатес, како туна, чаден лосос и слично).




Ролатот повторно свиткајте го во крпа или фолија. Оставете го во фрижидер да се олади, најмалку 3 часа за да се стегне убаво. Потоа сечете го на парчиња со дебелина од 1-2 см и послужете. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.