Рецепт на Даниела Башиќ-Ванилица. Доколку немате време за правите некои од класичните колачи, а ви се најавиле гости кои сепак сакате да ги воодушевите со некој вкусен колач, тогаш овој колач нема да ве изневери – брзо се приготвува, а вкусот му е чиста фантазија.




Пред неколку месеци беше xит на coцијалните мрежи, па си реков ајде и јас да го испробам. Искрено не се покајав, напротив се воодушевив, а и сите кои го пробаа. На децата особено многу им се допаѓа, па за нив често го приготвувам.




Ова е основната смеса, а по желба можете да додавате и ореви, кокос или нешто по ваш вкус. Одозгора можете да го полеете колачот со чоколадна глазура или едноставно да го исечете на коцки и да го наросите со шеќер во прав. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г брашно, 300 г шеќер, 2 јајца, 375 г кисела павлака (или густ/цврст јогурт), 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 прстофат сол, 100 г чоколадни трошки/капки, или пак чоколадо исечено на ситни струготини.




ПОСТАПКА: рерната веднаш вклучете ја да се загрева на 160 степени, бидејќи додека таа да се загрее, вие тестото веќе ќе го имате приготвено. За да не ви „паднат“ чоколадните трошки на дното, многу е важно да ги вмешате во тестото дури откако тоа ќе биде изматено и веднаш да се стави на печење.




Значи, најпрво пенасто изматете ги јајцарта со шеќерот додека тој да се растопи и да добиете убава густа, мазна смеса. Некои сè мешаат одеднаш заедно, сите состојки на купче, но можете и посебно ако сакате.




Брашното просејте го, па помешајте го со другите суви состојки, прашокот за печиво и солта, па додајте ја киселата павлака, јајцата и шеќерот, па добро изматете неколку минути додека да добиете хомогена смеса без грутчиња.




Штом смесата е готова, додајте ги чоколадните трошки, набрзина промешајте ги за да се распоредат, па смесата излејте ја во плех со средна големина со димензии приближно 20х30 см, претходно обложен со хартија за печење.




Печете го во загреаната рерна на 160 степени околу половина час, но сепак проверете со чепкалка. Печениот колач оставете да се олади, а потоа по желба прелијте го со чоколадна глазура или едноставно наросете го со шеќер во прав. Рецепт на Даниела Башиќ-Ванилица