Време е за берење на млади борови иглички. Имено, во месец мај кога започнува да буи вегетацијата, на боровите се појавуваат млади пупки кои имаат широка примена во фитотерапијата.

Во групата НМД рецепти, нашата драга членка Зорица Наумовска веќе си набра борови иглички и шишарки од преубавата Китка. Игличките ќе ги прелие со мед и после 40 дена ќе го процеди драгоцениот лековит – боров мед.

Еве го нејзиниот рецепт: Се берат млади борови иглички и шишарки, се мијат со ладна вода и се сушат на крпа. Потоа се полнат во тегла – ред иглички ред мед – за боров мед, или ред иглички, ред шеќер за – боров сируп.

фотографија на Зорица Наумовска

Во теглата се остава еден прст празнина, а капакот само така се става без цврсто да се затвори. Се остава 40 дена да отстои а потоа се процедува. Во теглата може да се стави и парче лимон за арома. Доволно е да се јаде по една лажица дневно.

фотографија на Зорица Наумовска

Помага при астма, бронхитис, кашлица и успорена работа на тироидната жлезда, за имунитет…

БОРОВ СИРУП/МЕД СО КАФЕАВ ШЕЌЕР/МЕД

Рецепт: еден килограм кафеав шеќер, 500 г млади борови пупки се редат наизменично во стаклена тегла. Се започнува со шеќер и се завршува со шеќер. Ова се подготвува во тегла од три килограми.

фотографија на Весна Ш. Заставниковиќ

Значи, прво покријте го дното со шеќер, а потоа наредете борови иглички, па врз сето тоа повторно ред шеќер, па ред борови пупки и конечно на крај шеќер. Малку потстиснете.

Теглата оставете ја на сонце или на топло 40 дена. Потоа се процедува во стерилна тегла и се чува во фрижидер. Користете трипати дневно по една лажица пред јадење.

БОРОВ МЕД ОД ВАРЕНИ БОРОВИ ИГЛИЧКИ

Рецепт: 100 г младите борови пупки се варат во 2 литри вода сè додека да испари течноста и да остане само половина литар. Се процедува течноста еднош низ цедалка, и вторпат низ газа, па се додава 250 мл мед и се меша додека да се растопи медот.

фотографија на Зорица Наумовска

Се складира во стаклена тегла или шише и се чува во фрижидер. Користете трипати на ден пред јадење по една лажица. Напомена: боровиот мед не се препорачува за трудници и доилки.

фотографија на Зорица Наумовска

Според познавачот Акиф Смајловиќ, од исклучително важност е да се користат и препознаат боровите пупки и да не се заменат со едно слично дрво тис – taxus baccata кое е от.ровно.

Боровите иглички се богати со витамин Ц и А. Благодарение на витаминот Ц се користат за лекување на белите дробови, кај настинка, бронхитис, астма и за јакнење на имунитетот.

Помага за полесно искашлување и како колаген за обнова на клетките, а со самото тоа и за јакнење на општиот имунитет. Витаминот А е многу важен за спречување на појава на мрена, а исто така исклучително е корисен за нега на кожата.

На првата фотографија е прикажан бор, а на втората смртно отровниот тис. Во продолжение можете да го погледнете видеото каде е објаснето како се приготвува боровиот мед ОВДЕ.