Ајварот е еден од омилените зимски намази кој се приготвува од црвени пиперки со додаток или без, на модар патлиџан и морков, а некои приготвуваат и бел ајвар од зелени пиперки, попyларно наречен „малиџано“.
Постапката за приготвување трае речиси два дена, од кој во првиот се печат и се лупат пиперките, а во вториот ден исцедените пиперки се мелат и се пржат. Меѓутоа, оваа година се чини дека овој начин на подготовка го заменија побрзите и поекономичните рецепти.
Па така, рецептот што ќе го прочитате подолу е еден од моментно најбараните рецепти на Балканот, а кога ќе ја прочитате постапката ќе ви биде и јасно зошто е тоа така. Овој намаз од пиперки е многу вкусен, а лесно и едноставно се приготвува.
Сезоната за приготвување на зимниците наближи, а кај некои домаќинства веќе е отпочната, па подготовката на ајварот е нејзин неизбежен дел. Веројатно голем број домаќинки поради презафатеност од обврски на работа и домот, поскоро би купиле готов производ, бидејќи да се направи ајвар и не е така едноставна работа.
Но, овој рецепт за ајвар кој се приготвува во рерна и не бара претходно печење, лупење и цедење на пиперките, можеби ќе ги убеди оваа година да си приготват свој, домашен вкусен намаз кој одлично одговара со лепче и сиренце, но може да се јаде и како салата или да се додава во јадења. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г црвени меснато пиперки-ајварки, 2 чешниња лук (или повеќе по вкус), морска сол по вкус, малку маслиново масло и црн пипер по вкус.
Рецептот го осмислил д-р Саша Плечевиќ, познат како д-р Филгуд, според кој овој намаз се пече во рерна на многу ниска температура и на тој начин ги сочувува витамините и минералите.
Значи, заборавете на макотpпното лупење на пиперките и нивното чистење до последното семче, валкање на безброј садови и повеќечасовно мешање покрај врелиот шпорет.
Она што е одлично кај неговиот рецепт е тоа што ајварот освен што е здрав, како што вели д-р Филгуд, тој е и повкусен од класичниот ајвар. Еве како тој го приготвува:
ПОСТАПКА: Пиперките добро измијте ги под млаз ладна вода, исцедете ги од вишокот вода и пребришете ги со кујнска крпа. Потоа исечете ги на коцкички, поголеми или помали по желба на филети, важно е да ги отстранувате дршките и семето.
Потоа посолете ги и прелијте ги со масло за готвење или уште подобро со маслиново масло како за салата, па оставете ги да се маринираат околу три часа. За тоа време делумно ќе омекнат. Потоа рамномерно распоредете во големиот плех од рерна.
Печете ги во загреана рерна на 100 степени, а штом ќе ги ставите намалете ја температурата на 50 степени, и вака оставете ги да се сушат уште приближно 4 часа со малку подотворена вратничка (подметнете дршка од дрвена лажица) за да излегува вишокот пареа.
После тоа, доколку сакате отстранете некои од лушпите кои сами започнале да се одвојуваат и сомелете ги или изблендирајте ги рачен блендер (како ви е полесно).
Зачинете го намазот со црн пипер по вкус, мелен лук и малку лута пиперка за оние што го сакаат пикантниот вкус. На крај додајте уште малку масло и со тоа „дотерајте“ ја густината на ајварот, како што вели д-р Филгуд.