Многумина ги интересира што треба да се јаде после операцијата, па еве накратко ќе ви опишам како изгледа менито и како се чувствувате после тоа.

Гастритичен бајпас е операција која ви помага да ослабете кога имате проблем со тежината, а не можете да се откажете од храната или кога прекумерната килажа ви предизвикува некои други здравствени проблеми.

Кај мене на пример не беше толку екстремна килажата, колку што имав проблеми со бубрезите. Никако не успевав да ослабам со диети, па затоа одлучив да го скратам желудникот.

Од искуствата што ги слушав, сите што ја направиле оваа операција ослабеле, но после тоа, се соочиле со вишок кожа, која исто така, треба хируршки да се отстрани. А ова се случува доколку не се вежба и доколку сте биле многу дебели.

Храната што се јаде после тоа, не навлегува во некои делови од желудникот и тенкото црево и цело време се чувствувате сито, па што и да изедете брзо се полните и никогаш не сте гладни.

МЕНИ

После операцијата, првите две седмици се јаде течна храна. Важно е дневно да имате 3 главни и 3 споредни оброци и така треба да биде во текот на целиот живот.

Многу е важна дисциплината. За да биде сè како што треба, навечер пред спиење ги вклучувам алармите за да ме потсетуваат да не заборавам да земам некој од оброците.

Утрото се започнува во 8 часот со појадок, а тоа е 150 мл немасен јогурт или кварк или кефир.

Во 10 часот пијам чаша немасно млеко како: соино или млеко без лактоза, зошто полесно е за желудникот.

Во 12 часот, 150 мл кварк со малку овошје кое мора да биде изгмечено во пире.

Во 14 часот чаша вода.

Во 16 часот 1 плод овошје испасирано во пире.

Во 18 часот вечера: 50-75 г риба или пилешко, 50 г зеленчук и 50 г компир сварен и испасиран во малку поретко пире.

Во 20 часот 150 мл немасен јогурт.

Во 22 часот шолјичка чај.

Главна улога овде играат белковините кои се потребни за нашите мускули. Важно е дневно да се испие 1,5 литар вода.

После две седмици треба постепено да се воведува нормална исхрана, единствено масно и слатко повеќе не е дозволено да се јаде. Важно е исто така да се одвојуваат напитоците од храната, што значи, кога ќе завршиш со оброкот, дури после половина час смееш да се напиеш вода, и обратно.

Голема е предноста што воопшто не чувствуваш глад, но сепак, мора навремено да се прими предвидената доза оброк. Секако и комплекс од витамини понатаму треба да се предвидат, доколку недостасуваат во организмот.

Килограмите буквално се топат и секој ден сте послаби и послаби, но доколку нема физичка активност и силни мускули, тогаш кожата страда, па затоа е потребна и малку физикална медицина додека се добие кондиција.