Пред некој ден мојата снаа ме изненади со овој вкусен колач бајадера, мојот омилен кој го направила по повод мојот роденден. Бајадерата беше исклучително вкусна, поубава немав пробано и беше навистина висока, во пет слоеви. Јас секогаш ја правам во два или три слоеви, а снаата малку експериментирала со овој, нов рецепт за бајадера.




Постапка била многу едноставна, таа веднаш ми кажа како ја направила и наредниот викенд јас ќе ја направам и ќе им однесам. Од една смеса излегуваат сите слоеви, само што се дели и секој слој се полни со различнни вкусови. Едниот дел е со кокос, а другиот со чоколадо, а во основата се ставаат кикирики и бисквити. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г бисквити, 200 г кикирики, 50 г шеќер (1/4 шолја), 150 мл млеко, 150 г путер, 40 г кокос, 100 г чоколадо. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 1 лажица масло. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 80 г чоколадо (по избор).




ПОСТАПКА: Скршете 400 г бисквити на помали парчиња за да ви ги собере во блендерот. Изблендирајте ги додека да станат прашести, а потоа во нив додајте 200 г излупени кикирики и сѐ заедно изблендирајте. Вака подготвената смеса префрлете ја во подлабок сад каде што ќе ја формирате смесата за колачињата.




50 г шеќер ставете во помало тенџере, а одозгора прелијте со 150 мл млеко и 150 г путер. Малку промешајте, па ставете го тенџерето на рингла и соединете сѐ додека путерот и шеќерот да се растопат, а млекото малку да се загрее. Млекото не треба да зоврие. Со повремено мешање, гответе неколку минути, па потоа тргнете го тенџерето од рингла.




Во мешавината од суви состојки направете вдлабнатина на средина и излејте го топлото млеко и путерот. Со намастени раце измешајте ја смесата додека целосно да се соедини, односно влажните состојки да се апсорбираат во сувите. Потребно е да се формира смеса со густа конзистентност, слична на влажен песок.




Вака подготвената смеса поделете ја на два еднакви делови. Во едниот дел додајте го кокосот и убаво измешајте до соединување. Доколку смесата е многу сува, во неа додадете 2-3 лажици млеко за да стане полеплива и компактна, да не се распаѓа.




Во сад на пареа растопете 100 г чоколадо и излејте го во втората половина од смесата. Огноотпорен сад или пластичен калап за колачи и торти со димензии 23х15 см или слична големина, обложете го со хартија за печење на дното, малку намастете, па истресете половина од темната смеса со чоколаод и израмнете ја.




Израмнувањето може да го правите со раце или со задниот дел на некоја чаша. Врз темната смеса, излејте ја половина од белата смеса и повторно израмнете. Потоа ставете ја преостанатата темна смеса, израмнете, па преостанатата бела и повторно израмнете.




ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо растопете го на пареа со 1 лажица масло и прелијте го врз колачот. Ставете го колачот во фрижидер да се олади 1-2 часа. Ако сакате, можете да стопите уште малку чоколадо за декорација, па со помош на готварски шприц декорирајте ја тортата. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.