Рецепт и видео презентација на Сара од Мои Домашни Рецепти – Гулаш со грав. Многу вкусно јадење кое откако еднаш ќе го пробате, ќе почнете барем еднаш неделно да си го приготвувате. Како и секој гулаш, бара подолго време да се готви, но затоа, јадењето излегува совршено вкусно. Сите ќе ви побараат уште една чинија.

За да го приготвите ова вкусно јадење ќе ви бидат потребни следните состојки: 30 г путер, 200 г кромид, 600 г телешко месо, 3 кафени лажици доматно пире, морков, 200 г грав, 1 литар вода, ловоров лист, сол и црн пипер во прав, по вкус.

Постапка: Во тенџере ставете малку масло и 30 г путер, па ставете го на умерен оган постепено да се растопи и соедини со маслото. За тоа време кромидот излупете го и ситно исечкајте го, па додадете го во загреаната маснотија да се запржи и издинста додека да омекне.

После пет минути динстање со повремено промешување, во кромидот додадете 600 г телешко месо исечено на коцки. Промешајте го и поклопете го садот. Пржете го месото со повремено промешување во времетраење од приближно 20 минути. По потреба додадете сосем малку вода.

За тоа време самото месо под капакот ќе си испушти сопствени сокови, а кромидот ќе се растопи. Додадете три супени лажици густо доматно пире, морков, претходно излупен и исечкан на тркалца, 200 г грам, претходно истребен и измиен со ладна вода, па промешајте ги состојките.

Во тенџерето налијте еден литар топла вода, ставете 3-4 ловорови листови, промешајте добро, поклопете и оставете да се готви на умерена температура (да крчка) околу 80 минути. Повремено промешувајте и проверувајте дали има доволно течност во тенџерето.

Во последните минути од варењето додадете сол и црн пипер по вкус. Малку промешајте за да се раствори солта, па продолжете со готвењето на тивок оган. По желба додадете и црвена зачинска пиперка во прав. Кога јадењето ќе ја постигне посакуваната густина, тргнете го тенџерето од оган.

Почекајте малку да подизлади, па послужете го со леб и свежа салата или туршија. Пробајте го и ќе се уверите колку многу е вкусно. Сите детали околу постапката на приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Прочитајте го и вториот рецепт: Грав во комбинација со јунешко и суво месо, без запршка, моите дома не знаат за доста

На овој начин јас најчесто го приготвувам кафеавиот грав, во комбинација со јунешко и суво месо, па на тоа додавам и еден исечкан поголем компир. Гравот не го запржувам со запршка, туку пред крај разматувам една лажица брашно со ладна вода и ја додавам во варивото.

Ако ставам помала количина на вода, тогаш нема потреба од брашно зошто гравот самиот си испушта скроб која дава природна густина. Потребни состојки: 600-700 г грав, 500 г јунешко без коска, малку суво месо колку да даде вкус, 3 главици кромид,

Потоа, 1 полна лажица маст или 100 мл масло, 2 полни лажици црвен, мелен пипер, 1 лажица сув зачин, 1 лажичка сол, 2 средни компири или еден голем, 1 лажица брашно, магдонос, 3 чешниња лук и ½ лажичка сода бикарбона

Постапка: Одвечер, потопете го гравот во ладна вода и оставете преку ноќ да набубри. Ако немате време за ова да го направите, ништо страшно, само продолжете според рецептот, без овој чекор.

Следниот ден излејте ја водата, дотурете нова вода и ставете на оган да проврие неколку минути. Во лонецот каде ќе се вари гравот ставете една чаша вода, маст или масло, сув зачин, ситно сечкан или мелен кромид, па ставете на оган да крчка.

Додека да проврие исечкајте го јунешкото на коцки и додадете го и него во кромидот. Намалете го огнот и гответе 30 минути со повремено долевање топла вода. Додадете го процедениот грав, па налејте топла вода „два прста“ над гравот. Оставете на умерен оган да се вари околу два часа со повремено промешување и долевање врела вода по потреба.

Секогаш е подобро помалку вода, секако не премалку за да не загори, но не премногу па да добиете редок грав. После два часа додадете црвен пипер, сол и сечкано лукче, па варете уште 10 минути, па додадете на коцки исечен компир, суво месо исечкано ситно, колбас, сланина или што сакате, па долејте уште една до две чаши вода.

На компирот му се доволни 15 минути за да се свари, како и на дименото месо. Сода бикарбона се става малку за да ги омекне зрната на гравот кои се’ уште не се свариле, како и месото.

Потоа разматете една лажица брашно со чаша вода, да нема грутчиња, па додадете како ладна запршка и промешајте. Намалете го огнот, вратете на оган уште малку да прокрчка и да се свари брашното. По желба можете да додадете ловоров лист и магдонос. / Coolinarika.com