АЧМИ – Вкусни турски ѓевречиња, меки како памук, се топат во уста

Фото и рецепт на Сузана Бајрам – Ачми. Нашата драга членка Сузана Бајрам ги приготви овие вкусни ѓевречиња и го сподели своето позитивно искуство во групата НМД рецепти.

“И ќерка ми посака да ги направи познатите турски ѓевречиња. Јас направив една тура, а после мене и таа направи уште една тура. Како почетничка и како за првпат и излегоа одлични, супер и многу вкусни”, вели Сузана Бајрам.

Има повеќе верзии од овој рецепт, а ѓевречињата можете да ги полните со сирење, маслинки или да се остават празни. Секако се превкусни.

Потребни состојки: 1 чаша (200 мл) млако млеко, 1 чаша млака вода, ½ чаша масло, 1 коцка свеж квасец (40 г),, 1 лажичка сол, 2 лажички шеќер, 2 белки (жолчките за мачкање), Брашно околу 800 г (може 700 г бело и 100 г пченкарно), 150 г путер за премачкување +-

Постапка: Квасецот, шеќерот и солта се раствораат во 200 мл млака вода, па се додава млакото млеко и маслото, белките и на крај постепено се додава брашното. Се замесува меко и лепливо тесто.

Замесеното тесто се остава 15 минути да одмори. (На набрашнета површина се истресува смесата од тесто и се замесува меко тесто – овој чекор може да се пресконе, во зависност од тоа колку ви е меко тестото).

Потоа, површината на која ќе работите намастете ја, па развлечете го тестото со помош на прстите. Отворената кора премачкајте ја со омекнат путер или маргарин. Преклопете ја едната страна до половина, па одозгора премачкајте ја со путер.

Преклопете ја целосно со другата страна. Долгнавестиот правоаголник повторно развлечете го и уште еднаш одозгора премачкајте со путер. По желба, до половина се филува со сирење, маслинки или воопшто не се филува, па се преклопува со другата половина.

Потоа се сечат ленти, малку се сучат и се спојуваат како прстен. Одозгора се премачкуваат со изматени две жолчки и една лажица маџун (или масло) и се наросува со сусам по желба. Стасуваат 15 минути и се печат 15-20 минути во загреана рерна на 200 степени. Кога ќе се извадат од рерна, печените ачми се премачкуваат со малку путер.

За да останат свежи и меки неколку денови, во кесата каде ќе ги чувате ачмите затворени, ставете и едно парче леб. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ и ОВДЕ.

Претходна статијаЛице без акни, митесери и иритации: Направете домашен сапун од магдонос (рецепт)
Следна статијаИсчистете го црниот дроб, стопете ги килограмите: После 30 дена нема да се препознаете