Еден од највкусните старински колачи кој се приготвува многу едноставно: се пече пандишпан, се премачкува со џем и се наросува со ореви, а потоа се премачкува со снег од белки. Доколку припаѓате на постарата генерација, овој колач дефинитивно ќе ве врати во детството.




Се прави многу лесно и брзо, нема да ви одземе многу време, а кога ќе го пробате ќе се воодушевите од вкусот кој ќе ви врати многу спомени. Бабите често знаеја да го прават овој колач, за родендени, прослави, но и онака за сладење..




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 4 јајца, 4 лажици шеќер, 80 г свинска маст (може и масло), 100 мл млеко, 200 г брашно, 1 ќесичка прашок за печиво, 1 ќесичка ванилин шеќер, малку рендана кора од лимон.




ЗА ШАМ: 4 белки, 1 лажица лимонов сок, 8 лажици шеќер. ЗА ФИЛ: џем од кајсии околу 300 г (може и друг џем, доколку немате од кајсии) и 100 г мелени ореви.




ПОДГОТОВКА НА БИСКВИТОТ: Во подлабок сад се мати свинската маст пенасто, а потоа се додава шеќерот, ванилиниот шеќер и јајцата. Постојано се мати со миксер додека се додаваат состојките. Наместо свинска маст може да користите и обично масло.




Потоа постепено се додава млекото и малку рендана кора од лимон, а на крајот се додава брашното со прашокот за печиво. По добро соединување со миксер, се преминува на матење со рачна маталка додека да се добие убава, жолтеникава смеса.




Смесата се прелива во соодветен калап за печење со средна големина, малку намастен. Кората се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 10 минути. Во меѓувреме се подготвува шамот.




ПОДГОТОВКА НА ШАМОТ: Во сад се матат белките пенасто и постепено се додава шеќерот, а на крајот лимоновиот сок. Со матењето не се престанува, сè до добро соединување.




Врз испечената кора, по 10 минути, се премачкува со џемот од кајсии во подебел слој, па се наросува со мелени ореви. Одозгора се премачкува со шамот, а потоа по желба наросете со мелени ореви уште малку.




Ставете повторно на печење, но овојпат вклучете ја рерната на 120 степени и печете уште 20 – 30 минути. Колачот е многу вкусен, а печениот шам има вкус на пуслица. Важно е колачот добро да се излади на собна температура пред да се послужи и исече. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.