Во тефтерот беше запишана како Сплитска торта, па така и јас ја препишав, но секогаш кога говорам за неа, велам „Тортата со ореви и суво овошје”. Вкусна е и едноставна за приготвување, потребни ви се 9 јајца, по 150 грама ореви, суви смокви и грозје, 9 лажици шеќер и малку остро брашно.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 9 белки, 9 лажици шеќер, 150 г ореви, 150 г суви смокви, 150 г суво грозје, 3-4 лажици остро брашно, 1 прстофат сол. За крем: 9 жолчки, 9 лажици, шеќер во прав, 200 г путер, 1 ванилин шеќер и малку рендана кора од портокал. За натопување на кората: малку сок од портокал и малку рум по вкус. И уште: Малку чоколадо за готвење
![]()
![]()
![]()
![]()
ПОСТАПКА: Големиот плех од рерната намастете го со неколку капки масло и размачкајте со хартиена салветка или кујнска четка. Обложете го со хартија за печење и притиснете добро за да се залепи мазно. Сувите смокви и оревите исечкајте ги. Додајте остро брашно и добро измешајте.
![]()
![]()
![]()
![]()
Белките со прстофат сол изматете ги во цврст снег со помош на електричен миксер, а додека постојано миксате без прекини постепено додавајте една по една лажица шеќер. Миксајте доволно долго додека шеќерот целосно да се растопи и снегот да зацврсти и да стане сјаен.

![]()
![]()
![]()
![]()
Во белките малку по малку додавајте го сувото овошје и оревите, па внимателно со лажица или шпатула промешајте за да остане смесата пенлива и воздушеста. Вака добиената смеса рамномерно распоредете ја врз плехот и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 25 минути.
![]()
![]()
![]()
![]()

Изгасете ја рерната, отворете ја вратата и оставете кората да се суши внатре уште неколку минути. Потоа извадете и оставете целосно да излади. Изладената кора пресечете ја на три ленти. Претходно измерете да бидат еднакви во ширина зошто ќе ги редите една врз друга.
![]()
![]()
![]()
![]()
Дури откако ќе ги пресечете отстранете ја хартијата (многу е полесно кога се помали парчињата). За крем: Жолчките, шеќерот и ванилин шеќерот изматете ги заедно додека да се растворат и да добиете кремаста смеса, па згответе ги на пареа со постојано мешање. Матете додека кремот да згусне.
![]()
![]()
![]()
![]()

Добиениот крем од жолчки оставете го настрана да излади, па потоа додајте пенасто изматен путер и малку рендана кора од портокал. Сето тоа заедно убаво измиксајте го за да се соедини и да добие воздушеста структура. Кремот треба да стане нежен и кремаст.
![]()
![]()
![]()
![]()
Филување: Измешајте малку рум со сок од портокал, па испрскајте ги сите кори по малку. Потоа секоја кора премачкајте ја со третина од филот и редете ги една врз друга. Целата торта премачкајте ја однадвор, а врвот декорирајте го со рендано или топено чоколадо. Наместо суво грозје може да ставите сува брусница или некое друго суво овошје по ваш вкус.

































