Рецепт на Драган и Галина Страшеноски презентиран во групата НМД рецепти.
„Повеќето од нас кога сме ненаспани, уморни, кога чувствуваме општа слабост или сме во некој стресен период, посегнуваме по секакви вештачки витамини, наместо да се сетиме на благодетите на бозата“, пишува НМД.мк
Бозата е древен напиток од житарици кој во годините од минатиот век се пиел со хектолитри, а денес како да е малку подзаборавен.
За првпат се пиел во Турција околу 900.година од нашата ера. Барем, за ова време има пишани податоци, а можеби овој пијалак се произведувал и многу порано.
Она по што бозата се разликува од обичните „здрави“ напитоци, е тоа што е целосно природен, а има незаменливо корисно дејство врз целиот организам.
Изобилува со витамините од Б комплекс, како и витамините А и Е, како и железо кое фантастично ја подобрува кpвната слика.
Со оглед на тоа што содржи и квасец, во него се содржат бројни здрави бактерии кои поволно делуваат врз цревата и целиот дигестивен систем.
А сите знаеме дека од нашата микрофлора во цревата зависи и нашиот имунитет, односно јачината на нашиот имунолошки систем.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 литри вода, 200 г пченкарно брашно, 600 г шеќер, 2 лимони, 1 полна лажичка сув квасец.
ПОСТАПКА: Во посебен сад се мешаат пченкарното брашно со дел од водата. (Коментар на Кристина Арабаџиева: брашното претходно треба на суво да се пропржи додека да добие румена боја.
Се користат три вида брашно од пченка, пченица и ‘рж, според најстариот рецепт, но може и само пченкарно). Остатокот од водата го ставаме на оган заедно со шеќерот да зоврие. Откако ќе зоврие се додава смесата од пченкарно брашно и вода.
Се остава да се вари околу 10 минути со повремено промешување, а потоа се трга на страна и се остава да се олади (исто така, повремено треба да се промеша).
Откако ќе се олади смесата до собна температура, се додава квасецот и сокот од два исцедени лимони. Целата смеса добро се блендира / се меша и се остава да ферментира 24 часа на собна температура.
Откако ќе заврши ферментацијата, (бозата се процедува*) се собрира во стаклени, претходно стерилизирани шишиња и се става во фрижидер да отстои уште 6-8 часа. Потоа може да се пие. Оваа боза се карактеризира со понежен вкус во однос на купечката. Рецепт на Драган и Галина Страшеноски.
*ако останат зрнца од пченката, може да продолжи вриењето иако шишињата сте ги ставиле во фрижидер.