Рецепт на Александар од Германија. Овој десерт е нешто фантастично. Иако подготвувам различни здрави и нискокалорични десерти, сепак овој ми е еден од омилените, бидејќи токму со него успеав да ослабам. Содржи многу малку калории, а многу е вкусен. Можете да го јадете без грижа на совест, бидејќи не содржи шеќер, ниту брашно.




Наместо да јадете многу благи колачи и торти кои се преполни со шеќер и маргарини, вие засладете се со едно парче од овој колач. Се приготвува лесно и едноставно, а вкусот му е извонреден. Еве што ви е потребно за некој помал калап, со дијаметар од 9 см (или два калапи за мафини):




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 банана, 1 јајце, 30 г какао, третина лажичка сода бикарбона (околу 2-3 г), 130 г крем сирење (филаделфија, маскарпоне, абц…), 1 супена лажица течен мед или јаворов сируп (или течно густо сладило по ваш вкус). За декорација: рендано црно чоколадо или бобесто овошје




ПОСТАПКА: Излупете ја бананата и исечкјате ја на помали парчиња, па ставете ја во некој сад и испасирајте ја со помош на виљушка. Доколку ви е полесно, можете кратко да ја измиксате во блендер, но не премногу, за да не премине во течна состојба (треба да биде како пире).




Изматете едно јајце со виљушка, па додајте го во испасираната банана. Промешајте со жица маталка додека двете состојки убаво се соединат. Потоа додајте 30 г органско какао во прав, просеано низ сито.

Додајте и малку прашок за печиво. Ова е мала количина, па затоа се додава една третина лажичка. Доколку сакате поголема количина, зголемете ги состојките соодветно.




Изматете добро додека да добиете изедначена, хомогена полутечна смеса. Земете една огноотпорна шолја со дијаметар од 9 см (или два калапи за мафини) и убаво намастете ја со масло. Излејте ја смесата во неа, малку протресете и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 25 минути.




За тоа време пригответе го кремот: измешајте 130 г крем сирење со една лажица течен мед или некој сируп по ваш избор (одберете поздрава варијанта). Печениот колач оставете го да го излади пред да го филувате.




Потоа внимателно извадете го од калапот и пресечете го на два дела. Во средина филувајте го со половина од кремот, поклопете со втората кора, па нанесете го остатокот од филот. Одозгора наросете малку црно чоколадо и декорирајте со овошје по желба. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.