Кремастата пилешка „Фетучини Алфредо“ е мојата омилена паста. На овој начин може да се приготвуваат јуфките или некои други тестенини по ваш избор. Ова јадење е поубаво дури и од оние што ги приготвуваат во ресторан, а многу лесно и едноставно се приготвува. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за 2 лица): „Фетучини“ тестенини или јуфки, 2 пилешки гради со средна големина, 1/2 главица кромид, 6 свежи шампињони печурки, 1 1/2 чаша неутрална течна павлака, 1/2 чаша млеко, 1/4 чаша (една рака) рендан пармезан, 1/2 лажица рендан лук, 2 лажици маслиново масло, 1 лажица путер, сол и црн пипер




ПОСТАПКА: Половина главица кромид исечкјате ја на ситни коцкички. Пилешките гради исечкајте ги на ленти или коцки со големина нешто поголеми од залак. Посолете го месото и запиперете го по вкус.




Печурките исто така, исечкјате ги на лентички. Во нелеплива тава ставете една лажица маслиново масло, па на умерено-средна температура запржете го пилешкото месо додека малку да зарумени.




Во тенџере со вода додајте една лажица сол и почекајте да зоврие. Дури кога убаво ќе врие водата, тогаш ставете ги фетучините или тестенините по ваш избор. Потребно е да ги сварите „ал денте“, а за секоја различна тестенина времето на готвење е означено на амбалажата.




Внимавајте да не ги преварите тестенините, па затоа стриктно придржувајте се до времето (откако ќе ги ставите тестенините, почекајте повторно да зоврие водата и започнете со мерење на времето).




Во нелеплива тава ставете една лажица маслиново масло и една лажица несолен путер. Загрејте на умерена температура, па додајте го ситно сечканиот кромид и пржете го со постојано мешање додека да омекне и замириса. Потоа додајте ги сечканите печурки.




Динстајте ги сè додека печурките да добијат златно-кафеава боја, а кромидот целосно се карамелизиа. Тогаш додајте го испасираниот лук (или ситно исечкан/изрендан) и динстајте уште малку. Додајте ја течната неутрална павлака, млекото и пармезанот.




Гответе на умерено средна температура со постојано мешање додека малку да згусне. Потоа додајте го пилешкото месо, промешајте убаво да се натопи, па посолете и запиперете по вкус. Потоа додајте ги сварените и процедени тестенини.




Мешајте внимателно, најдобро со долги стапчиња, додека тестенините да го впијат сосот (неколку минути). Послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.