Посни кифлички меки како душа со прелив од мајонез и поради тоа се посебни. Дополнително добиваат убава мекост од растопениот маргарин кој не ги прави масни, туку само им дава сјајност и свежина. / Фото и рецепт: Кате Ристевска
Потребни состојки: 1 кг брашно тип 400, 500 мл вода, 1 коцка (50 г) свеж квасец, 2 лажици полни шеќер, 1 лажица сол, 100 мл масло. За премачкување: посен мајонез и сусам за наросување одозгора. За преливање на кифлите откако ќе се испечат: 250 г маргарин
Постапка: Најпрво активирајте го квасецот: растворете го во малку млака вода со лажичка шеќер и малку брашно и оставете го 10-тина минути додека да запени. Во подлабок сад додајте нешто повеќе од брашното (оставете една третина или четвртина за домесување).
Додајте сол, масло, активираниот квасец и со млаката водата замесете тесто. Потоа додавајте го остатокот од брашно по потреба и месете со рака неколку минути додека да добие еластичност. Тестото треба да биде мазно, меко и да не се лепи.
Поделете го на 32 еднакви топчиња, покријте ги со проѕирна фолија и оставете ги да одморат 10-тина минути. Потоа со помош на оклагија развлекувајте долгнавести елипси од кои ќе свиткате кифли. На едниот крај можете да ги засекувате со неколку ленти за да добиете изглед на гасеница.
Редете ги во тепсија обложена со хартија за печење. Кифлите оставете ги да отстојат 2 часа. Нараснатите кифли премачкајте ги со мајонез и одозгора наросете ги со сусам. Рерната загрејте ја на 220 степени и ставете ги да се печат додека убаво да заруменат. Внимавајте да не се препечат.
250 г маргарин исечете го на помали коцки, па загрејте го во тенџерче додека да се растопи. Печените и топли кифли прелијте ги со топлиот маргарин, на секоја кифла ставете по лажица-две и оставете да изладат. Фотографија и рецепт на Кате Ристевска. Прочитајте го и вториот рецепт за посни пекарски кифли:
Посни пекарски кифли, без јајца, без млеко, а сепак најдобри, меки како душа!
Проверено добри кифли, нема да погрешите ако ги направите. Се замесуваат со нешто повеќе од еден килограм брашно, со газирана вода и масло. Како за првпат направете ја оваа доза, а следниот пат сигурно ќе сакате да ги направите во двојна доза.
Потребни состојки: 1200 г брашно, 600 мл газирана вода, 100 мл млака вода, 200 мл масло, 1 ½ лажица сув квасец, 1 лажица шеќер, 1 лажица сол, 3 лажици масло, крупна сол за наросување одозгора, 100 г посен маргарин за премачкување на коричките.
Постапка: во 100 мл млака вода измешајте го квасецот со лажица шеќер и лажица брашно, па смесата без грутчиња оставете ја на топло место, 10-тина минути, додека да запени и да се активира.
Брашното измешајте го со сол, па додајте го активираниот квасец, газираната вода која малку сте ја загреале да биде млака и маслото, па замесете мазно тесто. Премачкајте го со малку масло и оставете го да кисне додека да го удвои волуменот.
Потоа кинете топчиња со величина на праска, расукувајте ги во четвороаголна кора, засечете со нож како на сликата, и премачкајте малку со маргарин, па потоа свиткајте ја кората во кифла. Вака приготвените кифли редете ги во намастен плех, премачкајте ги одозгора со масло и наросете ги со крупна сол, па оставете ги да киснат за да го удвојат волуменот.
Потоа печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени додека да заруменат. Готовите кифли веднаш премачкајте ги со малку масло за да добијат убав сјај и воздржете се малку да подизладат, па послужете ги. Вкусни се кога се топли и кога се ладни.
Од истото тесто можете да правите и пекарски леб, мали топчиња-лепчиња, само премачкајте го со масло, наросете ги со сол, оставете да киснат, па печете ги додека да заруменат… / coolinarika.com