ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 мл вода, рамна мала лажичка сол, 50 г путер, 250 г брашно (ако можете да најдете специјално протеинско брашно за леб кое има висока содржина на глутен – уште подобро), 125 г специјален путер со висок процент на масти 84% (или маст) или маргарин.




И уште: жолчка за премачкување одозгора и сусам за наросување или за слатка варијанта, шеќер кристал. За солена варијанта можете да ги филувате со сирење, а за слатка варијанта, со џем. Во продолжение ќе ја приготвиме слатката варијатна – лиснати печива со џем, наросени со шеќер.




ПОСТАПКА: Во половина чаша вода (100 мл) додајте три четвртини мала лажичка сол и промешајте за да се раствори. 50 г путер оставете да омекне на собна температура, па разматете го со кујнска маталка.




Брашното (250 г) додајте го во омекнатиот путер, па добро промешајте додека овие две состојки целосно се соединат една со друга и се добие еден вид брашно во ситни „трошки“. Додајте ја водата со малку сол, промешајте со шпатула, а потоа измесете го тестото со рака.




За да добиете компактно тесто потребно е подолго време да го месите. Ќе добиете тврдо, мазно тесто кое не се лепи на рака. Кога ќе го измесите тестото ставете го во некој сад, покријте го со крпа и оставете го да одмори 10 минути.

По изминатото време тестото ќе биде помеко и полесно за работа. Ставете го на мазна работна површина, па со помош на оклагија развлечете тенка кора со правоаголна форма со димензии приближно 30х25 см, а дебелина 0,5 см.




Потоа тестото преку целата површина премачкајте го високо масниот путер/маст/маргарин, рамномерно распоредете и израмнете. Вака подготвеното тесто е спремно за диплење. Визуелно кората поделете ја три еднакви дела, па едниот дел преклопете го врз средишниот.




Потоа поклопете го третиот дел. Поминете со оглагијата, така да се издолжи малку. Потсечете ги краевите за да се израмнат, а потоа измерете ја должината на кората. Поделете ја визуелно на три дела (или направете мали засеци на аглите за точно да обележите), па преклопете како што направивте и првиот пат.




Тестото во форма на квадрат покријте со крпа и оставете го да одмори 10 минути. Потоа со малку брашно наросете ја работната површина, и малку врз тестото, па потоа со помош на оклагијата повторно развлечете го тестото, овојпат да добие должина од 45 см. Повторно отстранете ги неправилностите од краевите.




Постапката повторете ја уште еднаш. Покријте го и оставете го одмори следните 10 минути. Потоа повторно наросете го со малку брашно, и овојпат развлечете го со должина од 60 см. Долгнавестата кора поделете ја на три еднакви дела. Секоја коцка поделете ја 4 помали квадратчиња.




На едната страна од секое квадратче направете по три мали засеци, а во средината ставете по една лажичка џем или крем, па поклопете како триаголник. Наредете ги триаголниците во плех обложен со хартија (не мора), па одозгора премачкјате ги со разматена жолчка и наросете малку шеќер.




Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 210-220 степени и печете околу 20-30 минути. Печивата се многу вкусни, мирисаат прекрасно и се разлистуваат на илјада ливчиња. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.