Ова е колач над колачите, кај нас дома е омилен и затоа е често на трпеза. Многу е вкусен и се подготвува од само неколку состојки кои сигурно веќе ги имате дома. Штом ви се пријаде нешто благо, направете го овој колач кој брзо ќе ви се најде на трпеза. Со многу примамлив изглед, а на вкус двојно поубав.
Потребни состојки за бисквит: 8 белки, 70 г шеќер, 150 г мелен мак, 50 г кокос, 50 г мелени бадеми, 1 лажица (15 г) пченкарен скроб (густин), 2 лажици прашок за печиво, а потребно е и уште 150 мл топло млеко за преливање на бисквитот.
За крем: 8 жолчки, 100 г шеќер, 2 ќесички ванилин шеќер, 1 литар млеко, 100 г пченкарен скроб (густин), 1 лажица лимонов сок, малку рендана кора од лимон, 250 г путер/маргарин, 50 г шеќер во прав.
За овошниот слој: 450 г смрзнати вишни, 60 г шеќер, 2 ќесички ванилин шеќер, 20 г густин, 4 лажици вода, 2 лажици лимонов сок, 1 лажичка (5 г) мелен желатин или два листа. За глазурата од бело чоколадо: 100 г бело чоколадо, 200 г слатка павлака, 1 лажичка мелен желатин, во иста количина како што требаше и претходно, 25 мл вода, 25 мл лимонов сок.
Постапка: Бисквитот подгответе го така што белките ќе ги изматите во цврст снег. Додајте го шеќерот и матете додека тој да се растопи. Со лажица измешајте го мелениот мак, кокосот, бадемите, густинот и прашокот за печиво. Мешајте од долу кон горе, со превртување, за да остане воздушноста.
Подлабок лимен сад со димензии 40×30 цм обложете го со хартија за печење, па добиената смеса излејте ја внатре и добро израмнете. Печете 20 минути во претходно загреана рерна на 180 степени.
Кога бисквитот ќе се олади, пресечете го на половина по должина, па прелијте го со врелото млеко. Кремот подгответе го така што во подлабок сад ќе ги изматите жолчките со шеќерот и ванилиниот шеќер. Изрендајте ја исчистената и добро измиена лимонова кора, па додајте ја заедно со густинот во смесата.
Малку разредете ја со ладно млеко. Остатокот од млекото згответе го и смесата со жолчки и густин додајте ја во загреното млеко со постојано мешање. Варете го кремот на тивок оган додека да се згусне. Потоа тргнете го од рингла, покријте го со проѕирна фолија за да не се направи коричка и оставете да се излади.
Путерот со шеќерот во прав пенасто изматете ги, додајте го лимоновиот сок и соединете го со оладениот крем. За овошниот слој: мелениот желатин потопете го во 2 лажици ладна вода да набабри. Смрзнатите вишни и шеќерот ставете ги на рингла да се зготват.
Кога течноста од овошјето ќе зоврие, додајте го густинот разреден во водата и гответе приближно 2 минути. Вишните испасирајте ги за колачот подобро да го формира овој овошен слој.
Садот со овошје тргнете го од рингла, додајте го лимоновиот сок и желатинот, па добро измешајте за желатинот да се растопи и оставете да се излади на собна температура.
Ако користите желатин во листови, ставете ги во вода да омекнат, по некое време процедете и измешајте во овошјето. Филување: на базата со бисквит распоредете ги зготвените вишни, па кремот од жолчки.
Потоа поклопете со вториот бисквит, и одозгора прелијте со топла чоколадна глазура. Ставете го колачот во фрижидер. Колачот ќе се стегне, послужете на коцки и декорирајте со неколку вишни одозгора.