Вкусни, меки, воздушести…Никој не може да им одолее! Крофните се омиленото печиво на децата и за возрасните. Меки и мирисни, наросени со шеќер во прав кој ви се лепи околу устата и носот додека се сладите во вкусот…

Овој рецепт е еден од најдобрите кој постои за крофни кои се пржат во масло, а тестото за нивно приготвување содржи квасец, што значи дека треба да стасува. Но, трпението се исплати, затоа што потоа ги добивате овие прекрасни, воздушести „топки”. Подолу можете да прочитате уште еден рецепт за крофни кои се печат во рерна.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл млако млеко, 1 коцка свеж квасец (40-50 г), 1 лажица шеќер, 2 јајца, 50 мл масло, 700-800 г меко брашно, 1 лажица сол, по желба рендана кора од лимон, масло за пржење, 50 г шеќер во прав за наросување. По желба: еурокрем, џем, пудинг или нешто по ваш вкус за филување.




ПОСТАПКА: во млако млеко разматете го квасецот со малку шеќер. Претходно иситнете го за полесно да се раствори. Додајте половина од брашното и соединете ги состојките во мазна смеса. Во помал сад разматете ги јајцата со сол, па додајте ги во смесата, а потоа и маслото, па сето убаво промешајте за да се изедначи.




Постепено додавајте ја и втората половина од брашното, па сето заедно измесете го со помош на миксер или рачно, во доста густо тесто. Наросете одозгора врз тестото малку брашно, покријте го со сува крпа и оставете го на топло место да стасува додека да го удвои волуменот.




На работната површина наросете брашно на која малку ќе го премесете тестото, ќе го наросите со малку брашно и ќе развиете кора со дебелина од 1 см. Со чаша вадете ги крофните. Преостанатото тесто повторно премесете го, развијте го во кора и така сечете крофни додека да ви се потроши целото тесто.




Кога сите крофни ќе бидат исечени, покријте ги со кујнска крпа или проѕирна фолија за да не се сушат, па оставете ги 20-тина минути колку да стасаат и малку да нараснат. Крофните пржете ги со страната на која лежеле, сега да биде нагоре. Се пржат на умерена температура во преходно загреано масло.




Кога ќе заруменат, свртете ги од другата страна. Вадете ги на хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Сè уште додека се топли можете да ги наросите со шеќер во прав и да ги полните со фил по ваш избор. Деталите погледнете ги во видео-презентацијата на Александар Мишковиќ – ОВДЕ. Во продолжение прочитајте го рецептот за крофни печени во рерна:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 70 г путер, 125 мл млеко, 125 мл вода, 2 јајца, 1 ванилин шеќер, 500 г брашно, малку сол, 1 квасец и 55 г растопен путер за премачкување на крофните откако ќе се испечат.




Постапка: квасецот помешајте го со брашното и ванилин шеќерот. Потоа додајте јајца на собна температура, млака вода, млако млеко и растопен путер па изладен, па замесете фино, меко тесто. Месете го додека убаво брашното да ги впие сите состојки и започне да се одвојува од ѕидовите на садот.




Тестото оставете го да стасува додека да го удвои својот волумен околу половина час или повеќе. Кога тестото ќе стаса и убаво ќе нарасне и ќе го зголеми својот волумен, размесете го нежно колку да формирате топка, а потоа со помош на оклагија развлечете го во не премногу тенка кора, па со чаша вадете кругови.




За полесно да се сечат крофните и да излегуваат од чашата, пред секое засекување во тестото, чашата малку набрашнете ја. Плехот обложете го со хартија за печење и премачкајте го со малку растопен путер. Секоја крофна одозгора премачкајте ја со путер.

Оставете ги во плехот да стасуваат додека да станат воздушести и да го удвојат својот волумен. На тој начин тие ќе бидат меки како душа после печењето. Значи, откако ќе стасаат, дури потоа печете ги во претходно загреана рерна на 250 степени околу 20 минути.

Врелите печени крофни премачкајте ги со растопен путер (55 г) и оставете ги малку да подизладат и да го впијат путерот. Готовите крофни валкајте ги во шеќер кристал (за да се нафатат убаво од сите страни) и одозгора наросете ги со шеќер во прав. Може да додадете и ванилин шеќер.

Исто така, кога ќе бидат изладени, може да ги филувате по желба со шприц за торти (пробушете ги истиснете го филот). Како фил можете да користите џем, мармалад, чоколаден или лешников крем, па дури и пудинг од ванила, овошен или чоколаден. Одозгора можете да ги прелиете со чоколадна глазура.

крофни печени во рерна
крофни пржени во масло