Ова е нешто најубаво што сум јадел досега, рибата е сочна, се топи во уста. Затоа, ова е мојот омилен рецепт. Кремастиот сос во комбинација со спанаќ и домати се одлична комбинација на лососот. Домашните исто така го обожаваат јадењето и многу се радуваат кога им го приготвувам.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Големо парче лосос кое треба да се исече на четири помали парчиња и да и се отстрани кожата. Доколку вашите се помали, тогаш прескокнете го овој чекор. Зачини за рибата: сол и црн пипер. Малку путер за запржување на рибата.
И УШТЕ: 12 помали домати, 2 чешниња лук, малку путер за запржување, 400 г свеж спанаќ (исчистен, измиен и исцеден од водата), 1 лажичка сув кромид, 250 мл неутрална течна павлака, 40 г кашкавал, 1 лажица рендан пармезан.
ПОСТАПКА: Со остар нож исечете го големото парче риба на четири еднакви делови и внимателно отстранете ја кожата. Зачинете ги со сол и свежо мелен црн пипер од двете страни и малку протријте ги за да се впијат зачините во месото.
На умерена температура растопете лажица путер, па запржете го лососот по две минути од двете страни колку малку да зарумени, па извадете ги во посебен сад. Мали доматчиња (шери или нешто поголеми) исечете ги на половина. Две чешниња лук ситно исечкајте ги.
На малку растопен и загреан путер запржете го спанаќот околу три минути. Додајте ги доматите и продолжете со пржењето уште две минути. Додајте го ситно исечканиот лук и една лажичка гранули од сув кромид.
Во тавата со спанаќ и домати додајте 250 мл течна крем павлака за готвење и гответе уште две минути на умерена температура. Потоа додајте 40 г рендан кашкавал, а кога ќе се растопи и соедини додајте и една лажица рендан пармезан.
Кога ќе се соединат сите состојки, додајте ја претходно запржената риба. Оставете на тивко да крчка 10-тина минути. Тргнете ја тавата од оган и послужете го ова извонредно вкусно јадење.
Послужете по едно парче во чинијата гарнирано со спанаќ и домати, прелиено со крем-сосот во кој се динсташе. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.