Едноставен рецепт за уштипци – брз појадок кој многу лесно се приготвува. Можат да си го приготват и почетници во кујната. Овој „викенд“ појадок ќе го израдува вашето семејство. „Мекици“, „пишии“, „уштипци“ или „погачици“ се печива од тесто кои се приготвуваат на лесен и едноставен начин.

На овој начин Дани ги приготвува уштипците, кои се неверојатно вкусни, меки и нежни поради јогуртот кој е основа на овој рецепт. Може да ги послужите со кајмак, сирење, јогурт, кисело млеко…што имате во фрижидер.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 крупни јајца, 500 г цврст јогурт („грчки“ или кисела павлака помешана со малку течен јогурт), 500 г брашно помешано со 1 кесичка прашок за печиво и малку сол, околу една мала лажичка.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад изматете ги четирите јајца со жица-маталка. Потоа додајте го цврстиот јогурт, па уште малку промешајте колку да се изедначат. посолете по вкус, а потоа просејте го брашното помешано со прашок за печиво.

Добро изедначете ја смесата, да нема грутчиња од брашното. Ова тесто е меко и лепливо, па затоа се меша со лажица, не се меси со раце. Исто така, не треба да се остава да кисне. Уште на почетокот од подготовката ставете го маслото да се грее на умерена температура.

Земете една супена лажица и натопете ја во врелото масло, па црпнете во тестото и спуштете го во маслото да се пржи. Повторете додека тавата да се исполни. Имајте во предвид дека уштипците во текот на пржењето ќе нараснат, па не ја преполнувајте тавата.

Потребно е околу 3-4 минути да се пржат од двете страни на умерена температура која мора да ја прилагодувате според јачината на вашиот шпорет. Доколку е потребно од 4 (од вкупно 6), појачувајте на 5, па повторно намалувајте на 4.

Пржените уштипци вадете ги врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Излегуваат меки и не се масни. Од јогуртот добиваат мекост како памук. Вкусни се топли, но и кога ќе изладат.

За 15-тина минути имате готов појадок или вечера на масата. Запишете си го овој рецепт и во следната пригода испробајте го. Деталите од целата постапка во презентација на Дани, можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Доколку користите само течен јогурт, еве го соодносот на состојките:

Потребни состојки: 2 јајца, 300 мл јогурт, 1 чајна лажичка сол, 600 г брашно (јас користев тип 500), 1 ќесичка прашок за печиво или 12 г.

Постапка: Сите состојки си ги спремив во посебен сад, а потоа само ги додавав во поголем сад за замесување на тестото. Најпрво додајте ги двете јајца и изматете ги со рачна жица, маталка.

Потоа додајте 300 мл јогурт, 1 чајна лажичка сол, па повторно добро промешајте. Постепено додавајте го постепено брашното и додајте 1 ќесичка прашок за печиво. Како што го додавате брашното, мешајте се додека да се формира тесто, нелепливо под прсти.

На крајот треба да добиете тесто кое лесно ќе се одвојува од садот и нема да лепи. Подготвеното тесто се префрла на набрашнета рамна површина, па се развлекува со оклагија околу 5 мм во дебелина.

Потоа се сече тестото на еднакви вертикални линии, а потоа на помали хоризонтални, како коцки. Вака исеченото тесто се остава да отстои 10 минути, а во меѓувреме во тенџере на рингла се става маслото да се загрее.

Во загреаното масло се пржат уштипците колку што собира во тенџерето, прво се пржат од едната па од другата страна, додека да заруменат, а потоа се вадат на поголема чинија со хартија за да излезе од нив маслото.