Диетални КРЦКАВИ КРЕКЕРИ СО СЕМКИ, одлични за грицкање во текот на денот, ме заситуваат како цел оброк. Домашните крекери отсекогаш биле предизвик кај нас дома, има многу рецепти и разни комбинации за подготовка, а секогаш додавам нешто ново и секојпат се се поубави.




Покрај тоа се диетални и заситуваат како цел оброк, а навистина можам да ви кажам дека ослабев 5 кг откога ги јадам, бидејќи главните оброци ги јадам во помали количини. Си ги носам со мене за на работа, а и на децата им правам за на училиште да си грицкаат кога ќе огладнат.




Потребни состојки: 200 г брашно, 50 мл маслиново масло, 100 мл топла вода, 7 г свеж квасец, 1 лажица сол, 1 лажица шеќер, 1 рака сончогледови семки, 1 рака семки од тиква, 1 рака интегрален сусам.




Постапка: Ставете го квасецот во топла вода со малку шеќер и брашно и оставете го 10-тина минути на топло за да се активира и запени. Запржете ги семките во сува тава додека да почнат да го испуштаат убавиот мирис. Мешајте постојано за да не ви загорат.




Во брашното ставете сол, шеќер, изладените семки и додајте го стасаниот квасец и маслото. Замесете мазно тесто што не се лепи. На намастена хартија за печење, ставете го тестото. Поставете уште еден слој хартија врз тестото и развлечете во круг со помош на оклагија.




Кога ќе го развлечете обликот на кругот, отстранете ја хартијата одозгора и исечете триаголници со н ож, помали или поголеми по желба. Загрејте ја рерната на 180 и печете околу 20 минути додека крекерите да заруменат. По печењето, оставете да се изладат, па јадете ги со некој убав намаз или салата.




II РЕЦЕПТ. Вкусни крекери во разни форми, дечињата најмногу ги сакаат. Потребни состојки: 300 г брашно, 200 г путер / маргарин, 1 1/2 мала лажичка сол, 1 јајце, 1/2 лажичка прашок за печиво, 15 г сусам. За премачкување: 1 јајце, кумин и крупна сол, 1 мала лажичка млеко.




Постапка: Измешајте го брашното заедно со солта, прашокот за печиво и сусамот, па направете вдлабнатина во која ќе го ставите јајцето и путерот исечкан на тенки листови. Замесете за да добиете мазно тесто, а путерот треба претходно за биде отстојан на собна температура.




Исечете го тестото на неколку парчиња и завиткајте го во фолија и оставете го да отстои 30 минути на ладно место. По изминатото време, развлечете го тестото со дебелина од околу 1/2 см, извадете форми по ваш избор со калапи и ставете ги на плех обложен со хартија за печење.




Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Премачкајте ги крекерите со мешавина од жолчки и млеко и наросете ги со мешавина од сол и кумин (доколку немате кумин, може да користите и ким).




Ставете ги крекерите да се печат 10-12 минути, додека да добијат малку жолта боја накај светло-кафеава боја. Оставете ги на плех да се изладат, а потоа послужете. / Coolinarka.com