Бамбусот е многу интересна билка која често ја одгледуваме во вазна или во саксија. Во деловите од источна Азија постојат шуми од бамбусово дрво ( а во Јапонија повеќето шуми се такви), а нивните стебла се користат за изградба на куќи, мостови, мебел и водоводни цевки, како и за производство на хартија и лулиња за пушење.
Исто така, младите пупки од бамбус се користат во исхраната. Но, симболиката на бамбусот не’ поттикнува на длабоки и практични животни лекции. Бамбусот во Кина е симбол на долговечноста, а во Индија на пријателството.
Бамбусот е симбол на среќа и еден од симболите на Новата година во Јапонија. Слика со бамбус покриен со снег претставува способност да „воскреснеме“ после некоја доживеана неволја. Зимно време паднатиот снег натежнува врз бамбусот а тој се свиткува, но потоа се исправува и го истресува сиот снег од себе. Бамбусот го поднел тешкиот товар, но на крај собрал сили и се ослободил од него!
Звукот на бамбусовите лисја додека дува ветер, малку наликува на шумска смеа (доколку употребите малку фантазија… : – ) )…тоа е многу смирувачки звук. Самиот бамбус исто така, е поврзан со разиграност, со оглед на тоа што се користел традиционално за изработка на змаеви, како и за изработка на традиционалните кукли. Општо е позната важноста на насмеаноста и разиграноста што и денес модерната наука докажува дека овие елементи имаат важна улога за нашето позитивно ментално и физичко здравје.
Не треба да бидете совршени…треба да бидете само отпорни и флексибилни. Тоа е најголемата лекција од бамбусот!
Кога се дарува во Јапонија, бамбусот се дава бидејќи е симбол на лојалност и искреност. Во домот бамбусот е симбол за долговечност и добро здравје.
Според јапонскиот фенг шуи, бамбусот е најдобрата билка која можете да ја одгледувате дома. Се верува дека тоа е билка на среќата, а помеѓу останатото и затоа што во себе ги содржи сите пет елементи: дрво, земја, вода, оган и метал.
Два бамбуса се симбол за љубов и среќен брак, три се чуваат за среќа, пет за здравје а осум за богатство.