ЕДЕН ОД ПОУБАВИТЕ КОЛАЧИ КОИ СУМ ГИ ПРАВЕЛА – името не му го знам, но не е ни важно. Колачот е превкусен, а подготовката е многу едноставна. Малку потсетува на чизкејк, но има повеќе слоеви и многу е лесен и освежителен.
Потребни состојки за БИСКВИТ: 50 г чоколадо за готвење, 50 г маргарин, 3 јајца (поделени на белки и жолчки), 100 г шеќер, 2 ќесичка рум шеќер, 50 г брашно, 1 кесичка пудинг во прав од чоколадо, 2 полни лажици какао, 1/2 кесичка прашок за печиво, 2 лажици вода.
ЗА ПРЕЛИВ: 100 мл сок од цреши или вишни, 50 мл млеко, 2 лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 50 г чоколадо за готвење. ЗА КРЕМ: 550 мл млеко, 200 мл слатка павлака, 120 г шеќер, 2 пудинзи од ванила, 20 г густин, 2 кесички ванилин шеќер, 50 г маргарин, 1/2 кесичка желатин во прав и 2 лажици вода и уште 300 мл слатка павлака.
ЗА ФИЛ: 200 г вишни / цреши, 1 ќесичка прелив за торта, 2 лажици шеќер и 250 мл сок од вишни / цреши. Сокот може да биде готов, од компот или да го направите со пропржување на овошјето.
ПОСТАПКА: Најдолниот слој е подготовка на бисквитот, а овој чекор ви е доволно познат. Но, од искуство за да заштедите време прво подгответе го кремот, па оставете го настрана за целосно да се излади, додека ги подготвувате другите слоеви.
Подготовка на кремот: Измешајте го млекото со слатката павлака (200 мл), па издвојте 150 мл од течноста во која треба да го додадете шеќерот, пудингот, густинот и ванилиниот шеќер. Поголемиот дел од течноста загрејте го во тенџере на рингла до вриење, а потоа додајте ја смесата што ја издвоивте и згответе како пудинг.
Префрлете ја смесата во посебен сад на ладење и додајте 50 г маргарин, па измешајте додека да се стопи. Кремот обвиткајте го со проѕирна фолија одозгора за да не фати коричка. Потоа започнете со подготовката на бисквитот.
Подготовка на бисквитот: Стопете го чоколадото заедно со маргаринот на пареа, а потоа оставете малку да се излади. Во посебен сад изматете ги жолчките со шеќерот и додајте една кесичка од рум шеќерот, па изматете на највисока брзина на миксерот додека смесата да стане светла и кремаста.
Во оваа смеса, додајте го растопеното чоколадо, водата и уште една кесичка рум шеќер, па измешајте со рачна маталка. Директно во оваа смеса додајте го просеаното брашно со пудинг правот, какаото и прашокот за печиво. Измешајте до соединување.
Белките изматете ги во цврст снег, па додајте ги во смесата и соединете. Бисквитот се излева во плех обложен со хартија за печење (22×35 цм) и печете во претходно загреана рерна на 200 степени околу 10-тина минути.
По печењето, кога бисквитот малку ќе се олади, извадете ја хартијата за печење, па вратете го бисквитот во плех, подгответе го преливот, а во меѓувреме ставете ги вишните во сад со отвор да го исцедат својот сок, кој треба да го сочувате.
Подготовка на преливот: Млекото, сокот од вишните, ванилиниот и обичниот шеќер загрејте ги во тенџере на рингла до вриење, а потоа тргнете од оган, додајте го чоколадото и мешајте што побрзо за да се стопи.
Кога ќе го соедините преливот, прелијте го врз оладениот бисквит и еднакво распоредете. Сега, вратете се на кремот кој првично го направивте. Пола кесичка желатин измешајте со 2 лажици ладна вода и оставете да набабри.
Слатката павлака (300 мл) изматете ја во шлаг, а кремот изматете го малку со миксер за да се разреди. Шлагот додајте го во кремотм малку промешајте, па додајте го желатинот и се соединете со рачна маталка.
Кремот нанесете го врз бисквитот, добро израмнете и одозгора наредете вишни. Пред да ги ставите вишните, може со лесни потези да означите коцки по кои ќе го сечете колачот. Откога ќе ги наредите вишните, колачот ставете го во фрижидер околу 15-тина минути да се излади.
Во меѓувреме подгответе го филот според упатството на кесичката за прелив за торта, но наместо вода користете сок од вишни. Филот малку изладете го, па нанесете го одозгора на колачот. Ставете го во фрижидер и пробајте да заборавите на него до следниот ден.
НАПОМЕНА: За преливот може да ставите двоен слој, но колачот во секој случај е кремаст и на овој начин. Колачот се служи само кога добро ќе се стврдне во фрижидер.