Ова е едно од најотпорните дрва што постојат во светот, па затоа и не изненадува народната анегдота кога нечие здравје ќе се спореди со она на дренот. Расте речиси насекаде во светот, но негово природно живеалиште со најповолни услови се југоисточна Европа и југозападна Азија.
Дренот расте и кај нас, а неговите црвени бобинки може да се забележат во бројни храстови шуми. Цвета во февруари а март, а плодовите зреат од јули до октомври. Плодовите се вкусна храна за шумските животни, но и за човекот.
Црвените плодови на дренот се познати како дренинки или дренки и според обликот многу потсетуваат на шипинките, со таа разлика што овие имаат семка во средината на плодот и малку се посочни од другите.
Целиот дрен е лековит, започнувајќи од кората на дрвото, листот, цветовите и плодовите кои се бераш штом добијат црвена боја. Од нив се приготвуваат сокови и разни намази како џем и мармалад, а некои прават и ракија. Плодовите може да се сушат, па подоцна од нив да се вари чај.
Свежите дренки содржат огромна количина на витамин Ц, токму како и шипинките. Може да се замрзнуваат и притоа не губат од својот квалитет. Освен за јадење се користат и за лекување, а најмногу за закрепнување на организмот или за проблеми со дигестивниот тракт.
Од семките на дренките се добива многу лековито масло кое се користи за регенерација на кожата и слузокожата, а од кората и листовите, поради нивните антисептични својства, се користат во антимикробиолошки производи.
ЧАЈ ОД ДРЕНКА: Се приготвува од мешавина на сув плод, кора, лист и цвет од дрен. Сите набрани делови се сушат на топло и проветно место, а потоа се чува во платнена или хартиена кеса, на ладно и темно место. Чајот се приготвува на следниот начин:
Една до две лажички од мешавината се преливаат во 200 мл врела вода, се вари 5 минути по што се трга од оган и поклопено се остава да отстои 20 минути. потоа се процедува и се пие по една шолја дневно, трипати на ден. Се користи кај следниве случаи: дијареа, болно грло, анемија, слаб имунитет и чистење на организмот.
СОК ОД ДРЕНКИ: Потребен ви е блендер и газа за да исцедите природен сок, без додавање на шеќери и без варење за да ги сочува сите витамини и минерали. Ќе ви бидат потребни 1 кг зрели плодови, 1,5 литар вода и еден лимон. Плодовите исчисте ги од семки и сомелете ги во блендерот.
Добиената смеса разредете ја со вода и додајте исцеден сок од еден лимон. Процедете низ газа и засладете со мед или друг природен засладувач. Чувајте во фрижидер или замрзнете го сокот во замрзнувач. Сокот помага при анемија, болести на црева, исфрлање на вишок течности, закрепнување и прочистување на органзимот.
ЏЕМ ОД ДРЕНКИ: Ќе ви бидат потребни 2 кг дренки и 1 кг шеќер. Бобинките измијте ги убаво и исчистете ги од семките. Потоа додајте половина килограм шеќер и ставете ја смесата да зоврие на оган. намалете ја температурата и продолжете со готвење додека непрекинато мешате.
Кога џемот ќе започне да се згуснува, додајте ги преостанатите 500 г шеќер и сварете го џемот до крај. Теглите стерилизирајте ги, па додека се топли складирајте го џемот во нив. Оставете 24 часа да излади, а потоа затворете ги најпрво со целофан, а потоа и со чисти капаци.