Оваа многу вкусна пита-погача на сите им успева, бидејќи многу лесно се приготвува. Толку брзо се прави што веќе доби и прекар „молња-погача“. А зошто е наречена „Три чаши и пет минути“, прочитајте подолу во текстот:

Потребни состојки: 2 големи јајца или 3 помали, 3 лажици масло, 1 кесичка прашок за печиво, 3 полни лажици пченично бело брашно, 3 полни лажици пченкарно брашно, 1 чаша јогурт и сол по вкус. Секако, по желба кој сака може да додаде и малку сирење.

Постапка: веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, затоа што навистина подготовката е многу брза. Ова е супер идеја за брз појадок или вечера. Ви ја откривам од срце, а вие понатаму како сакате наречете ја…

Во рецептот се користат две јајца, ама бидејќи јас имам многу ситни по величина, ќе употребам три јајца. Малку изматете ги со жица маталка и додајте 2-3 прстофати сол или по вкус. Додајте три супени лажици масло.

Во изматените јајца додајте една полна чаша од 200 мл густ јогурт и малку промешајте за да се соедини. Доколку немате ваков густ јогурт, можете да употребите кисела павлака или кисело млеко.

Потоа во смесата додајте три лажици до врв полни пченично бело брашно, а кога тоа би се измерило со чаша од 200 мл, излегува една полна чаша, без еден прст (погледни фото или најдобро видеото од линкот, на крајот од текстот).

Потоа додајте три до врв полни супени лажици пченкарно брашно (една чаша од 200 мл без еден прст), кое може да биде жолто или бело, но она што е важно – да биде многу ситно сомелено. (Но, секако ќе биде многу вкусно иако ставите и крупно мелено).

На крај додајте и една кесичка прашок за печиво, а истото можете да го помешате и заедно со белото пченично брашно. Откако ќе ги ставите сите состојки, промешајте со лажица или шпатула додека да добиете изедначена, хомогена смеса.

Од овие состојки излегува мала количина, но вам ако ви е потребна поголема количина, слободно удвојте ги состојките според истиот сооднос. Потоа подгответе го плехот или тепсијата и убаво намастете ја со масло, дното и страничните ѕидови.

Ако питата ја печете во поголем калап, тогаш таа ќе биде потенка, а доколку користите некој помал калап, тогаш ќе биде подебела. Излејте ја смесата во подготвениот калап и рамномерно распоредете и израмнете.

Одозгора можете да наредите неколку коцки сирење и малку со прстот да ги подбутнете. Може да наросите и сусам или некои семки по ваш избор. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути или помалку. Печената пита одозгора можете да ја премачкате со павлака. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.